МИНИСТЕРОТ ШАЌИРИ НАЈАВИ ВОВЕДУВАЊЕ СТРУЧНА МАТУРА И ПРИЕМЕН ИСПИТ ЗА ФАКУЛТЕТ, АМА НЕ КАЖА ОД КОГА

    МИНИСТЕРОТ ШАЌИРИ НАЈАВИ ВОВЕДУВАЊЕ СТРУЧНА МАТУРА И ПРИЕМЕН ИСПИТ ЗА ФАКУЛТЕТ, АМА НЕ КАЖА ОД КОГА„Во интерес на унапредување на образовниот систем во државата и во интерес на граѓаните, апелирам што поскоро да бидат усвоени овие законски решенија“, рече Шаќири. (Фото: МОН)

    Стручна матура и влезен академски испит се новините на Предлог-законите за средно образование и за стручно образование и обука, кои синоќа ги изгласа Владата, а се проследени во Собранието, кажа денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

    Станува збор за предлог-концепција која беше најавена во 2021, во мандатот на тогашната министерка за образование, Мила Царовска. Денеска министерот не одговори на новинарското прашање од кога би се вовеле измените, ниту пак Министерсвото наведе вo соопштението. Со оглед на тоа дека парламентарните и вториот круг на претседателските избори ќе се одржат на 8 мај, распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е 28 февруари, и Собранието тогаш ќе се распушти.

    „Во интерес на унапредување на образовниот систем во државата и во интерес на граѓаните, апелирам што поскоро да бидат усвоени овие законски решенија. Не очекувам политизација на процесот бидејќи политичките партии беа повикани, запознаени и вклучени во креирање на нивната содржина и не треба да постојат дилеми дали тие се потребни“, кажа Шаќири, додавајќи дека актуелниот Закон за средно образование е донесен во 1995, додека Законот за стручно образование и обука е донесен во 2007.

    Миинистерот кажа дека во предлог-законите,  по завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура.

    Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава.

    Прашањата ќе ги подготвува и тестовите ќе ги спроведува Државниот испитен центар (ДИЦ).

    За Предлог-законот за стручно образование и обука, Шаќири рече дека со него се регулира концептот на дуално образование.

    „Законот го зголемува обемот на практичното образование во средните стручни училишта, а тоа значи фокус повеќе кон стекнување на практични и применливи вештини преку учење директно на работно место во компанија, за сметка на намалување на теоретската настава во училниците. Така целиот образовен процес за учениците од стручните училишта станува поинтересен и поквалитетен, а тоа ќе значи привлекување на уште поголем број млади во иднина да го одбираат овој тип на образование, со краен ефект – намалување на дефицитот од квалитетен стручен кадар на пазарот на трудот“, додаде министерот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира