Министерот за здравство Илир Демири неосновано ги разрешил медицинските директори на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски и на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски, одлучи денеска Државната комисија за спречување на корипцијата (ДКСК).
Скандалите на Клиниката за токсикологија започнаа од крајот на април, кога со писмо и со прес-конфереција, вработени од Клиниката како и доктори со долгодишно искуство реагираа дека економската директорка Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31 декември 2023. Тие кажаа дека Иљази не знае македонски јазик и не може да се разберат со неа.
Комисијата констатираше дека со двете одлуки на министерот се прекршени Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и Законот за здравствена заштита. Повреден е и Изборниот законик со оглед на тоа што во двата случаја директорите биле разрешени со решенија донесени (од 14 мај односно 27 мај) пред усвојувањето на заклучокот за завршување на изборите за пратеници во Собранието од 30 мај 2024.
ДКСК соопшти и дека до надлежните органи ќе покрене иницијатива за одговорност на министерот за здравство.
За двете разрешувања, и за Петровски, и за Шокаровски, не биле почитувани процедурите за разрешување од функцијата односно требало да има предлози за разрешување од управните одбори до здравствените совети на овие установи.
Оформениот предмет по пријавата за Токсикологија го образложи Цвета Ристовска, член на ДКСК, која посочи дека причина за разрешување на медицинскиот директор била „несовесно постапување“ и заради непродолжување на договорите на дело за 18 лица на Клиниката.
Притоа рече дека иако на 30 април била изречена забрана на оваа Клиника за пристап на лица без договори за вработување, единаесет здравствени работници продолжиле да се евидентираат во електронскиот систем без склучени договори.
На 23 мај при вонреден инспекциски надзор било утврдено дека се склучени договори на дело со 11 лица кои биле потпишани само од организацискиот директор, иако според Законот за здравствена заштита должноста ја извршуваат и медицинскиот и организацискиот директор.
Договорите за дело со 11-темина, како што рече Ристовска, се склучени спротивно на член 109 став 2 од Законот за здравствена заштита, каде е наведено дека актите и финансиските документи се во заедничка надлежност на двајцата директори и тие заедно ги потпишуваат.
„Од целокупната фактичка состојба, ДКСК утврди дека наводите се основани и донесе одлука која се однесува на двете состојби – дека од министерот е донесено решение за разрешување на директор кога се уште не е завршен избор за пратеници, како и дека од страна на организацискиот директор за потпишани договори со лица здравствени работници спротивно на член 109 став 2 од Законот за здравствена заштита“, рече Ристовска.
Антикорупциската комисија одлучи и дека е незаконски и неосновано разрешувањето на директорот на државната Кардиохирургија Марјан Шокаровски на 27 мај 2024, постапувајќи по пријава што до нив била поднесена ден подоцна.
Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска соопшти дека пријавата е поднесена врз основа на повреда од Законот за спречување корупција и судир на интереси и на Изборен законик затоа што и во овој случај министерот го разрешил директорот пред 30 мај, кога е усвоен заклучокот за завршени Парламентарни избори.
„Од фактичката состојба ДКДК утврди дека наводите се основани, дека со дејствијата на министерот за разрешување не се испочитувани забраните односно решението е донесено во период кога се уште не бил завршен изборот на пратеници“, рече Димитровска.
И за овој предмет Антикорупциска констатира дека постапката за разрешување не била спроведена согласно Законот за здравствена заштита бидејќи, рече таа, со здравствената установа управува Управен одбор кој доколку утврди некоја од основи за разрешување, за тоа го известува Здравствениот совет кој врз основа на тоа ја донесува иницијативата за разрешување на именуваниот пред истекот на неговиот мандат.
На 27 мај, на новинарско прашање дали ќе ја разреши економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, министерот Демири рече: „А зошто сте се фатиле за Бесија? Каков прекршок направи она? Кога ќе имам докази ќе разрешам кого треба“.
Откако новинарите му укажаа дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) кажа оти Иљази незаконски вработи 18 лица, тој се налути и рече дека директорката на ДСЗИ Рената Младеновска прво треба нему да му ги праќа извештаите, а не првин да ги праќа во медиумите.
Од Министерството за здравство денеска соопштија дека заменичката-министер за здравство Маја Манолева се сретнала со дел од стручниот колегиум и претставници на лекарскиот колегиум од Клиниката за токсикологија. Таа побарала од нив да дадат предлог за именување на медицински директор кој треба да ги исполнува условите согласно законот.
Б. НЕСТОРОСКА