МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ГО ИГНОРИРА ШТРАЈКОТ НА ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР ОД КОЈ ЗАВИСИ УПИСОТ НА МАТУРАНТИТЕ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ГО ИГНОРИРА ШТРАЈКОТ НА ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР ОД КОЈ ЗАВИСИ УПИСОТ НА МАТУРАНТИТЕСиндикатот штрајкува веќе трета недела, со што е неизвесно полагањет на државната матура, а од тоа зависат уписите на матурантите на факултетите во земјава и во странство. (Фото: К. Попов)

    Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера не се договориле во врска со нивните барања за покачувања на платите и остануваат во штрајк, кажа денеска претседателката на Синдикатот Емилија Бошковска. Синдикатот штрајкува веќе трета недела, со што е неизвесно полагањето на државната матура, најавена за 27 мај и 10 јуни, а 0д тоа зависат уписите на матурантите на факултетите во земјава и во странство.

    САКАМДАКАЖАМ.МК  на 9 мај испрати прашање до Министерството за финансии дали ќе им се покачат платите во ДИЦ, за кое и самиот Синдикат вели дека ги игнорира, но до денес не добивме одговор.

    Од штрајкот се засегнати 15.620 матуранти кои се пријавени за 27 мај и на 10 јуни да ги полагаат двата екстерни испита.Исто така, стопирано е и меѓународното тестирање ТИМСС, со кое се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). Тестирањето почна на 3 април и опфаќа околу 4.900 ученици во 150 основни училишта.

    Бошковска кажа дека се повлекуваат од јавни обраќања и дека одговорите на прашањата и на медиумите, и на јавноста и на учениците, во врска со нивното барање за повисоки плати и за полагањето на државната матура ќе треба да се бараат во надлежните институции, пред сѐ во Министерството за финансии.

    „Од вицепремиерот за економски прашања добивме идентичен одговор, како напамет научен текст на она што досега го добивавме и од министерот за образование и од претставници на Министерството за финансии. Понудено ни е К-15, кој нам ни следува законски и кој досега незаконски ни го спречуваа да го добиеме, и за кој веќе имаме постапка пред Инспекторат, а веројатно ќе следуваат и индивидуални тужби кои државата би ја чинеле дополнителни судски трошоци. Тоа не беше предмет на преговорите, К-15 го имаме во Колективниот и ни следува. Второто што ни беше понудено е линеарно покачување што, исто така, требаше да се случи автоматски и да не биде дел од преговорите. Со еден збор, нашиот поединечен колективен договор на ниво на работодавец го прогласуваат за ништовен со нивното игнорирање и со давање на други предлози кои не беа предмет на преговори. Се најдоа начини, се направија ребаланси за нето покачувања од 70-80 проценти, а не можат да најдат решение за 30-ина луѓе кои работат многу напорно и а повеќе одговорности во исто време“, кажа Бошковска.

    Појасни дека за различни позиции бараат различно покачување бидејќи тие сега се збиени.

    „Баравме на различни позиции различно покачување, затоа не можеме да пресметаме колку е вкупното барање. Нивната проценка е дека вкупно за сите е околу 27 отсто покачувањето. Кај некого ќе има можеби 10.000, затоа што со години биле онеправдани, а кај некого може и 4.000 денари. И за тој буџет не се согласуваат и сметаат дека е многу голем. Ни даваат нешто што по закон ни припаѓа и не сме го добиле и покрај тоа што сме го барале од Министерството за финансии“, рече Бошковска.

    На новинарско прашање дали ќе има државна матура на 27 мај, таа повтори дека веќе нема да изјавуваат и за сѐ што ќе се случува додека трае штрајкот наместо од нив, изјави и соопштенија медиумите и јавноста ќе треба да добиваат од надлежните министерства, особено од Финансии, кое досега, рече, ни еднаш не им одговорило на барањето.

    Како што објави МИА, за изјавата на министерот Јетон Шаќири дека ќе има државна матура во закажаниот термин на 27 мај и, за да се реализира, ако е потребно МОН ќе ангажира од своите вработени, таа рече поради тајноста на материјалите влезот во ДИЦ е забранет за надворешни лица, а во некои простории во Центарот не смеат да влегуваат ни сите вработени.

    „Со секое влегување на надворешни лица, се нарушува веродостојноста на матурата. Слободно нека донесат“, додаде Бошковска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира