МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ПОДГОТВИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА СУДСКИОТ СОВЕТ ПО НАСОКИ НА ОЦЕНСКАТА МИСИЈА НА ЕУ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ПОДГОТВИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА СУДСКИОТ СОВЕТ ПО НАСОКИ НА ОЦЕНСКАТА МИСИЈА НА ЕУОценската мисија на ЕУ дојде во Македонија по скандалозното однесување на дел од членовите на Судскиот совет, кои незаконски ја разрешија претседателката Весна Дамева на 26 април 2023 година. (Фото: СДК.МК)

    Работна група на Министерството за правда подготви измени на Законот за Судски совет, засновани врз снова на насоките на Оценската мисија на ЕУ, соопштија од министерството. Како што се вели во соопштението, најважни новини во предложените законски измени се однесуваат на стажот на кандидатите за членови предложени од Собранието, како и на членовите избрани од редот на судиите.

    Според предлогот, на огласот на Собранието за избор на член на Совет, свои предлози за член да даваат: Интеруниверзитетската конференција, со кандидати од редот на редовни професори по право со професорски стаж од најмалку 20 години од првите три најдобро рангирани универзитети во државата, како и Адвокатската комора со кандидати од редот на адвокатите со адвокатски стаж од најмалку 20 години.

    Се зголемува судискиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите, но и работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието.

    Понатаму, предложените законски измени предвидуваат регулирање на начинот на избор на членови на Советот од Собранието, следејќи го компаративното искуство за избор на членови во ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси

    Со предложените законски измени се воведува изборен цензус за изборите на членови во Судскиот совет од редовите на судиите, и тоа за успешни да се сметаат изборите на кои излегле повеќе од половина запишани избирачи за таа изборна единица

    Сепак, минимални се шансите овие предложени законски измени да бидат усвоени во Собранието, бидејќи мандатарот за нова влада Христијан Мицкоски, зборувајќи за судските реформи што има намера да ги оствари, кажа дека прво ќе почне со распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, за што му треба двотретинско мнозинство во Парламентот.

    „Тоа мнозинство ни е потребно затоа што планираме преструктуирање на Владата поврзано со програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Второ, имаме силен реформски циклус, особено во оној дел што треба да дојде до објавување жесток фронт против криминалот и корупцијата, а за тоа да се случи, треба главните столбови, обвинителството и судството да бидат ослободени од партизираните малкумина обвинители и судии. Тоа ќе се направи со распуштање две институции – Советот на јавните обвинители и Судскиот совет, но за тоа да се случи, мора да има измена на соодветните закони, а за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот“, кажа Мицкоски по добивање на мандатот од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

    Оценската мисија на ЕУ дојде во Македонија по скандалозното однесување на дел од членовите на Судскиот совет, кои незаконски ја разрешија претседателката Весна Дамева на 26 април 2023 година. Управниот суд на 29 декември ја поништи оваа одлука и на 3 јануари 2024 година, таа се врати на претседателската функција, но никој ниту одговараше, ниту си поднесе оставка за скандалот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира