МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ДА ИЗГОТВИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА БОЛЕДУВАЊА НА ЗЕМЈОДЕЛКИТЕ, БАРА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ДА ИЗГОТВИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА БОЛЕДУВАЊА НА ЗЕМЈОДЕЛКИТЕ, БАРА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈАОд денешната презентација на извештајот на Комисијата за заштита од дискриминација. (Фото: МИА)

    Нерамноправен е третманот кон земјоделките во остварувањето на правото на платено породилно отсуство, но и кон земјоделките и земјоделците во остварувањето на правото на платено боледување, вели Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Врз основа на утврдената дискриминација, Комисијата, му препорачува на Министерството за здравство да изготви и иницира соодветни измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување со кои ќе се елиминира ваквиот нееднаков третман кон регистрираните земјоделки и земјоделци.

    На 7 февруари, Владата на предлог на Министерството за земјоделство донесе Програма за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, но тоа, според Комисијата, е времено решение.

    „Оваа Програма како ад-хок решение предвидува финансиска помош за индивидуалните земјоделки кои имаат статус на здравствени осигуренички во случај на привремена спреченост за вршење земјоделска дејност поради раѓање. Но, ако појдеме од тоа дека правото на платено породилно отсуство е основно човеково право кое треба да биде предмет на законска регулација, ваквата Програма не е перманентно и одржливо решение. Програмата е временски и финансиски ограничена со што се продолжува незивесноста во остварувањето на платеното породилно отсуство кај жените земјоделки и се создава правна несигурност. Дури и со постоењето на оваа Програма, Законот и натаму би продуцирал дискриминација“, рече Анастасија Муратовска на денешната прес-конференција.

    Според Муратовска, Министерството за здравство треба да ја реализира препораката од Комисијата за законските измени и дополнувања во рок од 60 дена по добивањето. Препораката е изготвена на 2 март 2023 и во неа пишува дека ако Министерството не постапи соодветно, КСЗД ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

    „Законот за здравствено осигурување ги предвидува индивидуалните земјоделци како задолжителни здравствени осигуреници. Тие ги остваруваат правата на основни здравствени услуги, но не и правата на надоместоци, на еднаква основа со останатите осигуреници. Ова произлегува од самиот Закон и токму преку исклучување на индивидуалните земјоделци од правата на надоместоците како навидум неутраленб пропис – Законот продуцира дискриминација“, оценува КСЗД.

    Според Марина Тошеска од ЛАГ „Агро лидер“, утврдена е системска дискриминација врз жените земјоделки поради неможноста да остварат право на платено породилно отсуство и боледување.

    „Повеќе години се разговара за ова актуелно прашање за кое до денес нема решение. Тие немаат платено боледување, немаат право на годишен одмор и немаат платено породилно отсуство. Жените земјоделки работат од 11 до 16 часа дневно, а многу им е тешко да пристапат и ндо правото од социјална заштита“, кажа Тошеска.

    Во 2022 година се евидентирани 1.075 жени со стаус индивидуален земјоделец. Сите тие не можат да пристапат до правото на платено породилно отсуство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира