Министерството за здравство ќе бара помош од приватните болници за да го реши проблемот со недостигот од офталмолози во јавните здравствени установи, кои оперираат заден сегмент на око, или што вршат витректомија.
Во моментов, во државните здравствени установи никаде не се прави овој оперативен зафат, бидејќи единствената јавна здравствена установа каде се прави витректомија, Клиниката за очни болести, е затворена поради реновирање.
Фондот за здравство има склучено договор со две приватни болници, односно со Европската очна болница и Систина офталмологија, каде на товар на државата се оперира заден сегмент на око. Но, според овие договори, бројот на зафати што ги плаќа ФЗОМ во приватните болници е ограничен.
Операциите на заден сегмент на око, според офталмолозите, најчесто се итни, бидејќи ако многу се чека за зафатот, пациентот може да го изгуби видот. Ваков вид зафат најчесто е потребен и при трауматска повреда на окото.
Министерството за здравство со години нема распишано оглас за проширување на мрежата на здравствени установи од областа на офталмологијата.
Од Министерството за здравство велат дека заедно со Клиниката за офталмологија интензивно работат на овој проблем, бидејќи во држаВните болници сега се оперира само перде.
„Клиниката веќе работи на тоа уште двајца доктори да се приклучат во изведување на овој оперативен зафат. А во следниот период предвидени се и средби со приватните здравствени установи, што ја нудат оваа здравствена услуга“, велат од Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА