Разрешениот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев вечерва јавно кажа дека изминатиот период лично, а денеска и преку неговата сопруга добивал закани по живот, што ги пријавил и во МВР.
„Жалам што не можев да присуствувам на вечерашната емисија ‘Отворено’, зашто сакав да бидам со семејството. Денеска од непознат број преку мојата сопруга ми се заканија мене и на семејството со животите, ако дојдам да гостувам и јавно да зборувам во вашата емисија“, се јави телефонски Митко Јанчев во Телевизија 24.
На прашање дали се сомнева дека зад заканите стои актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, Јанчев рече дека пет минути претходно зборувал со Христијан Мицкоски и тој негирал дека заканувачите се од неговата партија.
Јанчев одговори дека и пред да гласа на референдумот за името, ЕУ и НАТО имал закани дека ако излезе да гласа на 30 септември, ќе се види со неговиот татко.
„Мојот татко е мртов од 2005 година“, рече вечерва Јанчев.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, која беше гостинка во емисијата рече:
„Јас го имам ова почувствувано на своја кожа уште од Шарената револуција, кога СДСМ требаше да дојде на власт. А сега имам закани од нашите. Имав исти закани по живот кон мене, моето семејство, кон мојот син. Но, јас не се плашам. Барам само политичарите да престанат со говорот на омраза, зашто оттаму се охрабруваат поединци да се закануваат и насилно да се однесуваат“.
Денеска Рангеова си поднесе оставка од претседателка на Унијата на жени (УЖ) на ВМРО-ДПМНЕ, со што излегува автоматски и од Извршниот комитет на партијата. По неа, на функциите од УЖ си поднесоа оставка уште две пратенички од ВМРО-ДПМНЕ, генералната секретарка Лилјана Затуркоска и потпретседателката Лилјана Кузмановска.
С. К. ДЕЛЕВСКА