Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска предупреди дека поради политиката на Христијан Мицкоски за „изолација и економско пропаѓање“, како што рече, Македонија остана на сстрана, сама и во неизвесност и презадолженост.
„Остануваме на страна од сите финансиски и економски текови кои, како поддршка, можат и доаѓаат од Европа за земјите што ги остваруваат реформите и се приклучуваат кон Европската Унија, како, на пример, Црна Гора, за која во следниот седумгодишен буџет на Европската Унија се предвидени над 3 милијарди евра неповратни средства, додека ние се задолжуваме во милијарди евра од непознати кинески извори, со кој знае колкави камати, кои ќе ги враќаат следните генерации. Каде води тоа? Тоа води таму каде што веќе сега ги чувствуваме првичните резултати: пад на странските инвестиции, пад на индустриското производство, стагнација на платите, на просечната и на минималната плата, стагнација на платите во здравството, во образованието, стагнација на примањата во социјалните трансфери, несигурност кај пензионерите, затоа што не се знае и Владата не кажува што се случува со Вториот пензиски фонд, кој треба да се менаџира за идните пензионери да примаат пари од таму. Напротив, се поткрева и кај нив сомнежот за тоа дали воопшто ќе има пари за исплата на пензиите“, изрази Филипче загриженост.
Тој рече и дека се случува хаос во земјоделството, оти има луѓе кои не можат да преживеат поради тоа што немаат доволно средства, немаат субвенции од државата. Според него, сето тоа Владата сака да го маскира со тоа што предлага еден ребаланс кој „не е ништо друго туку бројки на хартија, кои никако нема да можат да се остварат, впрочем како што не се оствари ниту овој буџет што се носеше на почетокот на годината“.
За Филипче состојбата со Буџетот е префрлување од едно место на друго, закрпување дупки, нешто од што ниту граѓаните ќе видат некаков бенефит, а уште помалку државата во целост, во контекст на остварувањето на стратешките цели.
„Притоа, единственото нешто што го прави премиерот е да раскажува приказни. И тоа е единственото нешто во што е добар“, рече Филипче.
С. К. ДЕЛЕВСКА



