МИЦКОСКИ Е ПРЕМИЕР, ТОЈ ЌЕ ОДЛУЧИ ДАЛИ ЌЕ БИДАМ МИНИСТЕРКА ЗА ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА ОТКАКО ТАРАВАРИ ИЗЛЕЗЕ ОД ВЛАДАТА

    МИЦКОСКИ Е ПРЕМИЕР, ТОЈ ЌЕ ОДЛУЧИ ДАЛИ ЌЕ БИДАМ МИНИСТЕРКА ЗА ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА ОТКАКО ТАРАВАРИ ИЗЛЕЗЕ ОД ВЛАДАТАНа прашањето дали ќе прифати ако ѝ предложат да биде министерка за здравство, Јаневска рече: „Сосема е рано да се размислува за такво нешто“. (Фото: К. Попов)

    Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека, откако Алијанса за Албанците на Арбен Таравари излезе од Владата, е сосем рано да се размислува дали таа ќе биде министерка за здравство и дека државата има премиер кој ќе каже како треба да биде.

    Во синоќешната емисија „360 степени“ на МРТ, градоначалник на Тетово Билал Касами, кој е лидер на партијата Беса членка на Коалиција „Вреди“, кажа дека не ја исклучува можноста коалицијата да го даде Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат да добие друг ресор, како резултат на заминувањето на партијата на Арбен Таравари од власта.

    Јаневска денеска учествуваше на панел-дискусијата на тема „Образование на иднината: градење лидери, мислители и иноватори“ на 14. Самит на Македонија 2025, и на новинарско прашање за коментар за изјавата на Касами рече дека државата има премиер, веројатно има и преговарачки тим, дека тоа е нивна работа и тие ќе кажат како ќе биде.

    На прашањето дали ќе прифати да биде министерка за здравство ако ѝ предложат, Јаневска рече:

    „Сосема е рано да се размислува за такво нешто. Ви кажав кои се одговорни, кога ќе дојде тој момент тогаш ќе разговараме. Јас ја прочитав изјавата во медиумите, но во овој момент, јас како министер за образование и наука имам толку многу работа, што навистина не мислам ништо ниту сум вклучена во тие преговори. Повторно ќе кажам, има одговорно лице кое ќе каже како треба да биде“.

    Лидерот на Алијанса на Албанците и министер за здравство Арбен Таравари синоќа во Тетово рече дека партијата едногласно одлучи да оди во опозиција.

    Алијанса за Албанците има 2 министерски места – Таравари за здравство и Арбен Фетаи е вицепремиер и министер за добро владеење – и 6 пратеници во Собранието.

    Алијанса за Албанците досега беше дел од владиниот коалиционен партнер Коалицијата „Вреди“ во која се и Алтернатива на на Африм Гаши, Беса на Биљал Касами и Демократско движење на Изет Меџити. Тие три партии во „Вреди“, не се согласија Алијанса за Албанците на Локалните избори во октомври да настапи со посебни советнички листи и објавија дека коалицијата ќе дејствува како еден политички субјект.

    Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека не може да го разбере трансферот на Таравари од власт во опозиција, особено што заминува, како што рече, „во прегратките на Али Ахмети и ДУИ“. Премиерот рече дека Владата е стабилна и ќе продолжи да работи.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира