Од Вашингтон за САКАМДАКАЖАМ.МК, Горан Михајловски
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски за време на Самитот на НАТО во Вашингтон на официјалните сесии го користеше уставното име Република Северна Македонија, им кажа грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на брифинг на новинарите од грчките медиуми што го одржа при крајот на Самитот во четврток попладне.
„Имав можност да ги информирам моите колеги за фактот дека премиерот на Северна Македонија избра да не го спроведува клучниот член од договорот во врска со употребата на ерга омнес и неговата одлука да ја нарекува неговата држава ‘Република Македонија’ дома, што очигледно е изрично забрането со договорот. Секако, сакам да истакнам дека во просторијата и во присуство на сите лидери на НАТО, тој не ја следеше оваа тактика и го користеше уставното име на својата земја“, изјави Мицотакис.
Сепак, грчкиот премиер ги информирал останатите шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО дека е загрижен оти новото раководство на Северна Македонија не го спроведува клучниот член од Договорот од Преспа, а тоа е името Северна Македонија да го употребува ерга омнес, што значи внатре и надвор од државата.
Мицкоски, во изјавата што ја даде пред влезот на Центарот каде што се одржуваше Самитот, во средата, на прашање на новинар од МТВ избегна да го употреби уставното име, а и потоа во сите објави на социјалните мрежи и во видеото што самиот го сними и го објави ја нарекуваше државата Македонија, што било забележано од грчките медиуми, па на брифингот новинарите го прашаа Мицотакис дали грчката Влада размислува да ги искористи одредбите од членот 19 од Договорот од Преспа, кој предвидува конкретна постапка во случај да се констатираат прекршувања.
Мицотакис кажа дека во овој момент Грција „нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на тактиката на раководството на соседната земја“, но додаде дека „вака или онака тие ќе сфатат дека оваа тактика е целосно контрапродуктивна“.
„Договорите мора да се почитуваат. Тоа е нешто што го истакнав на Пленумот на НАТО и тоа е нешто што, мислам, го разбираат и сите наши сојузници. Сакаме Северна Македонија да преземе чекори кон европски пристап. Тоа, сепак, претпоставува почитување на меѓународното право и почитување на договорите што земјата очигледно ги има потпишано“, рече Мицотакис пред грчките новинари.
За разлика од Мицотакис, а и другите лидери на земјите членки на НАТО, македонскиот премиер Христијан Мицкоски ниту еднаш не се појави во прес-центарот и успешно избегнува да се сретне не само со грчките, туку и со македонските новинари што беа акредитирани на Самитот. Од неговата придружба ни беше речено дека е премногу зафатен.
Ниту од македонската, ниту од грчката делегација не кажуваат дали имало макар и неформална средба меѓу Мицкоски и Мицотакис, кои се познаваат од средбите што ги имаат во рамките на состаноците на Европската народна партија (ЕПП), чиј придружен член е и ВМРО-ДПМНЕ.
Од Кабинетот на грчкиот премиер Мицотакис ни кажаа дека “за жал, распоредот на премиерот е многу набиен и нема време да се види и со новинарите од Северна Макединија бидејќи заминува од Вашингтон“.
И Мицкоски и Мицотакис, по Самитот заминаа за Њујорк, секој со сопствена агенда поврзана со домашните работи на двете држави. Мицкоски ќе се среќава со дијаспората во Њу Џерси, а Мицотакис најави дека ќе оди во Обединетите нации.