МИЦКОСКИ КАЖА ДЕКА СЕ ПРИСЛУШУВАЛО ВО ВРЕМЕТО НА КОВАЧЕВСКИ И ЗАЕВ, НО НЕ ЗНАЕ ДАЛИ ТИЕ БИЛЕ ИНФОРМИРАНИ, ОТКАКО ФИЛИПЧЕ ГО ПРАША ЗОШТО НЕ ДОЗВОЛУВА ДЕКЛАСИФИКАЦИЈА НА МАТЕРИЈАЛИТЕ ОД АНБ

    МИЦКОСКИ КАЖА ДЕКА СЕ ПРИСЛУШУВАЛО ВО ВРЕМЕТО НА КОВАЧЕВСКИ И ЗАЕВ, НО НЕ ЗНАЕ ДАЛИ ТИЕ БИЛЕ ИНФОРМИРАНИ, ОТКАКО ФИЛИПЧЕ ГО ПРАША ЗОШТО НЕ ДОЗВОЛУВА ДЕКЛАСИФИКАЦИЈА НА МАТЕРИЈАЛИТЕ ОД АНБМицкоски одговараше на пратеничко прашање од лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче зошто не дозволува да се декласифицираат материјалите за да се утврди дали имало злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница кажа дека години наназад биле следени политички противници, новинари, бизнисмени, па и членови на поранешната влада на СДСМ и праша дали претходните двајца премиери Димитар Ковачевски и Зоран Заев знаеле за тоа.

    Мицкоски одговараше на пратеничко прашање од лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче зошто не дозволува да се декласифицираат материјалите за да се утврди дали имало злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност.

    „Зошто не дозволувате декласификација на сите тие материјали, секако со заштита на идентитетот на сите луѓе чии што податоци треба да останат доверливи, за јавноста конечно да дознае дали имало злоупотреба или не. Дали некој го прекршил законот или не? Треба ли некој да одговара?“, праша Филипче, додавајќи дека целата приказна почна од премиерот, кој кажа дека постојат индиции за негово следење.

    Мицкоски рече дека случувањата не се од сега, туку се одвивале во континуитет со години наназад.

    „Некои други пак креирале вештачки белешки за некои луѓе да завршуваат во притвори, невистинити белешки. Вие ги праќате тие луѓе по светот да бидат аташеа. Јас нема да навлегувам во деталите“, кажа Мицкоски.

    Тој повторно кажа дека најмал проблем е што тој бил следен, туку дека биле „покривани“ и членови на тогашната Влада на СДСМ, како и новинари и бизнисмени. Мицкоски праша дали поранешните двајца премиери биле информирани за ваквите активности.

    „Тоа е суштината, но тоа е периодот кога тој бил премиер (Димитар Ковачевски, н.з.). Пред него друг бил премиер (Зоран Заев, н.з.) и не знам дури дали тој знаел дека тоа било. Оставете ме мене јас сум ви бил политички противник, решил некој таму да се заигра малку повеќе, во ред разбирам, нема проблем. Во самата ваша Влада имало луѓе што биле покривани. Тоа е поголемиот проблем за мене. Затоа ви велам повторно ве носат во длабоко. Оставете ја таа работа. Дајте да зборуваме за други теми“, рече Мицкоски.

    Мицкоски рече и дека Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ги доставиле материјалите поврзани со аферата со прислушувањето до Јавното обвинителство. Според него, дека сега треба да се почека одлуката на Обвинителството.

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира