Премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање за време на посетата на Тутунскиот комбинат Прилеп за членството на судијката Антоанета Димовска во управниот одбор на Академијата за судии, рече дека инсталациите на СДСМ и ДУИ се жилави и ќе биде жестока борбата со нив.
Антикорупциската комисија кажа дека именувањата на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители се спротивни на Законот за спречување на корупција и има судир на интереси.
Во УО на Академијата се упразни судиско столче од Судскиот совет, по што Советот ја именуваше судијката Антоанета Димовска на местото.
„Што се однесува до одлуката и коментарот на ДКСК, можам да кажам дека инсталациите на СДСМ и ДУИ се жилави и ќе биде жестока борбата со нив. Не очекувам дека ќе биде лесна во обвинителството и во судството, затоа што нивната цел, да дадат сѐ од себе за да го уништат обвинителството и судството за да можат нивните вистински стопани, тие малкумина обвинители и судии, да ги заштитат, добива епски размери. И јас ова го зборував на последната собраниска седница кога одговарав на пратенички прашања. Често пати во изминативе еве, речиси пет месеци од како сме Влада, се случува да некој од обвинителите имаат стомачни проблеми, главоболки, температура и така натаму, во моментот кога ќе треба да се преземе резолутна акција против криминалци коишто беа симбол на едно минато владеење седум годишно коешто не треба да ни се повтори“, кажа денеска Мицкоски.
Тој рече дека борбата ќе била долга.
„Јас не верувам дека оваа борба ќе биде кратка. Оваа борба ќе биде долга, исцрпувачка, бидејќи се тие жилави. Тие инсталации се жилави, малкумина се, да се разбереме, не се многу. Малкумина се во обвинителството и судството, сè уште слепи послушници на претходната Влада од СДСМ и ДУИ, но можам да ви кажам дека ќе победиме. А тоа што сум го кажал, тоа и сум го направил. На крај ќе победиме и тие ќе бидат поразени. Македонските граѓани ќе добијат правда, онаква каква што заслужуваат, а не неправда од страна на малкумина октроирани послушници на претходната Влада на СДСМ и ДУИ, коишто во последен момент секогаш добиваат стомачни напади, вируси, главоболки и температура кога треба да се дејствува против, за жал, криминалците кои беа симбол на едно погрешно владеење седумгодишно“, кажа Мицкоски.
Како и за наводниот поткуп за третата транша од изградбата на пругата кон Бугарија, така и секојдневните сериозни обвинувања за корупција кај судии и обвинители, премиерот Христијан Мицкоски никаде не ги пријавува. Може да ги пријави тие сознанија кај министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и да не остане само на усни кажувања за корумпирани и криминални структури во судството, но не го прави тоа.
С. К. ДЕЛЕВСКА