МИЦКОСКИ ЛАЖЕШЕ ДЕКА ШТИТИ СОПАРТИЈЦИ КОГА ГО КОЧЕШЕ ЗАКОНОТ ЗА ОБВИНИТЕЛСТВО, А ВСУШНОСТ ПРИЧИНАТА БИЛА „ИМПЕРИЈА“, ОБВИНИЈА НЕЗАВИСНИТЕ ПРАТЕНИЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ

    МИЦКОСКИ ЛАЖЕШЕ ДЕКА ШТИТИ СОПАРТИЈЦИ КОГА ГО КОЧЕШЕ ЗАКОНОТ ЗА ОБВИНИТЕЛСТВО, А ВСУШНОСТ ПРИЧИНАТА БИЛА „ИМПЕРИЈА“, ОБВИНИЈА НЕЗАВИСНИТЕ ПРАТЕНИЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ„Нели е срамно Мицкоски по митинзи да се фали дека ќе ја врати правдата, која всушност тој сакал да ја продаде за да му плаќаат долгови и автобуси?“, критикуваат независните од ВМРО-ДПМНЕ. (Архивска фотографија на СДК.МК)

    Групата независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, навредени, како што велат, од честото прозивање од страна на  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека се платеници кои гласале за промена на Уставот, за Законот за Јавното обвинителство и други закони кај што требаше двотретинско мнозинство, го обвинија денеска дека во заднината на сите свои постапки преку пратениците од неговата партија, штител всушност криминал.

    „Како што изминува времето се појасно е кој се борел за правда и правна држава, а кој штител криминал. Разговорите кои јавно се објавуваат меѓу Мицкоски и Зоран Милески-Кичевскиот покажуваат кој гласал во Собрание по сопствено убедување, а кој бил платен и имал лична корист за да го прави тоа. Сега ни е јасно зошто Мицкоски ни ветуваше: ‘Со мене ќе ви биде подобро’, а всушност, причината била предметот ‘Империја’. Очигледно е дека без срам, Мицкоски ги лажеше и нашите сопартијци на кои им велеше дека главниот интерес е да ги заштити нив од прогон. Но, нам, државата ни беше пред неговите закани. Дволичноста и лицемерието на Христијан Мицкоски сега ги слушна и јавноста“, велат независните од ВМРО-ДПМНЕ.

    Тие го обвинија Мицкоски дека за пари го кочел Законот за ЈО битен за македонската евроинтеграција.

    „Нели е срамно Мицкоски по митинзи да се фали дека ќе ја врати правдата, која всушност тој сакал да ја продаде за да му плаќаат долгови и автобуси? До кога ќе се лаже и понижува сопствениот народ за лични интереси?!“, го прашува независната пратеничка група, која додава дека нивните гласови обезбедиле правна држава која Мицкоски сакал да ја урниса.

    „Притисоците кои Мицкоски ги правел врз некои од колегите пратеници и за други закони кои биле во собраниска процедура ќе излезат на виделина, бидејќи на лагата и се кратки нозете. ВМРО-ДПМНЕ секогаш имало сила и луѓе со визија, за да ја променат партијата на подобро. Тоа ќе го кажат и тие околу Мицкоски на 15 јули, кога очигледно е дека тој ќе доживее дебакл“, предвидуваат независните од ВМРО-ДПМНЕ.

    Денеска на Јутјуб, на каналот наречен „Рекет“ беше објавен нов разговор меѓу Мицкоски и Кичевскиот, во кој Мицкоски вели: „сега јас се борам да ваквото СЈО не помине, автоматски неговиот најголем предмет, тој ‘Империја’“.

    Првоосомничен во истрагата „Империја“ е Орце Камчев. Покрај него, осомничени се Сашо Мијалков, Ратка Куноска-Камчева, Христина Камчева-Стојческа, Цветан Панделески, Владислав Стајковиќ и уште седуммина други за кривичните дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари