Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку апликацијата Телеграм со пораки му се заканувал на генералниот секретар на Владата дека ќе одговара за враќање на македонските државјани со хуманитарни летови, го нарекува „лопов“ и обвинува дека Владата ја уништува државата. Мицкоски, според објавената комуникација, обвинува за профитерство преку операцијата за враќање и особено за сместување на нашите граѓани, Рашковски го прашува зошто тоа го тврди, а тој не кажува, туку му најавува дека тоа ќе му го каже еден ден.
Рашковски му објаснува на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека овие граѓани сами си го плаќаат летот, а авиокомпанијата „Визер“ е најевтината понуда. Му пишува дека мора да се спасат заглавените деца, македонски државјани во странство, а Мицкоски го упатува дека тоа е на грбот на овдешните деца.
Владата во целост ја објави комуникацијата и побара од Мицкоски „да престане да врши притисок врз институциите и да престане помошта за граѓаните кои се враќаат во земјата да ја нарекува уништување на државата“.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа со директни пораки преку апликацијата Телеграм упати неосновани обвинувања и притисоци врз генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, квалификувајќи ги владините активности како ’срамота‘, а луѓето кои ги организираат активностите како ’лопови‘ и во исто време клеветејќи за ’добивање провизии‘ за организацијата на авионскиот и автобускиот превоз. Владата го повикува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски внимателно да ги погледне презентираните факти, да престане да врши притисок врз институциите, да престане да шири клевети дека помошта за граѓаните е срамотна и да ги употреби партиските ресурси кои се дел од техничката Влада и кои гласале ЗА ваквата помош за граѓаните, за вистински да помогне на земјата и на народот во овие тешки времиња“, се вели во владиното соопштение, со потсетување дека и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во Техничката влада, гласале „за“ ваквата помош на заглавените граѓани во странство.
Потоа ги објави договорите за автобускиот и авионскиот превоз, како и за сместување во хотелите, под државен карантин.
Мицкоски на Фејсбук напиша дека има основани сомневања дека Владата прави криминал со транспортот на луѓето, има нехуман третман кон нив и печали од летовите, но дека тие докази нема да ги поднесе сега до обвинителството, туку „веднаш откако ќе се ослободи судството“, како што наведува.
Според владината уредба за која, се вели во соопштението, гласал и министерот од ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев, летовите од земјите од кои доаѓаат нашите сограѓани ги реализира авиокомпанијата „Визер“, компанија избрана по критериумот најниска цена, а пријавена на јавните повици на Владата.
Секој македонски граѓанин кој се враќа во нашата земја со превозот кој го организира Владата има обврска самостојно да го плати авионскиот лет, при што вкупната цена на чартер летот која изнесува околу 32.000 евра се дели со бројот на патници сместени во авионот. Пример, цена на летот од Минхен до Скопје изнесувала околу 190 евра по патник.
Граѓаните кои се враќаат во земјава биле контактирани од МНР ден претходно, при што ги добиле сите информации во врска со превозот и со државниот карантин, вклучително и цената и условите за превозот.
При слетување на аеродромот во Скопје, за граѓаните е организиран автобуски превоз до државниот карантин, од овластен автобуски превозник избран на јавен повик, со автобуси кои ги дезинфицирала сертифицирана компанија. На повикот за оператор кој ќе обезбеди автобуски превоз за граѓаните од аеродромот до државните карантини, единствен понудувач беше компанијата „Вардар експрес“, компанија која ги исполнила условите да располага со 20 автобуси во ист момент, имајќи предвид дека при слетување на два авиони во исто време, тоа е потребната бројка на превозни средства за вкупниот можен број на патници.
Македонските граѓани сместени во државни карантини ги користат капацитетите на објекти, хотели, кои се пријавиле на јавниот повик на Владата. Станува збор за обезбеден капацитет од 2.104 легла во моментов во целата држава, во 19 сместувачки објекти, а од нив пополнети до сега се околу 1.200 легла.
С. К. ДЕЛЕВСКА