Во говорот пред Владата пред истакнати претставници на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и Знам, премиерот Христијан Мицкоски на 35-годишнината од независноста на Македонија денеска рече дека имаат обврска овој јубилеј да не го претворат во празно самозадоволство, туку искрено да погледнaт и кон подемите и падовите.
„Искрено да погледнеме и кон времињата кога сме биле на висина на историската задача и кон времињата кога не сме биле достојни на жртвите и идеалите на генерациите пред нас. Имаше години што ги изгубивме, можности што ги пропуштивме. Имаше генерации кои очекуваа повеќе од нас, а добија помалку. Се донесоа болни одлуки, и направија тешки отстапки. Се смени знаме, устав, име. Премногу луѓе заминаа затоа што не видоа простор во својата земја да го остварат она што го знаат и можат, премногу чесни луѓе гледаа како пред нив поминуваат оние со подобри врски, со поголема политичка заштита или со помалку совест, а вредните, тивките и способните луѓе, оние на чии рамена всушност стои секоја држава, останаа невидливи“, кажа тој.
Рече дека во овие три и пол децении изградивме институции, создадовме сопствен монетарен и економски систем, станавме членка на Обединетите нации, станавме членка на НАТО, минавме низ ембарга, кризи, конфликти, економски потреси и политички поделби, бевме исправени пред тешки прашања за сопствената иднина и во многу моменти покажавме дека една мала држава може да има голема волја за опстанок.
Потоа Мицкоски упати пораки: Да ја сакаш државата доволно силно за да не ја лажеш; Да бидеш горд на неа, но да не ги криеш нејзините рани; Да ги славиш нејзините победи, но да учиш од нејзините порази; И наместо секогаш да прашуваме што светот ни направил нам, понекогаш да имаме храброст да прашаме што ние самите сме ѝ направиле на сопствената држава.
„Нашата борба е да создадеме земја во која едно дете, без разлика каде е родено и колку пари имаат неговите родители, ќе може со знаење и труд да стигне до врвот, земја во која еден млад лекар нема да мора да замине илјадници километри за да има достоинствен живот, земја во која еден земјоделец ќе знае дека неговата работа има вредност, еден претприемач дека законот ќе важи еднакво за сите, а еден работник дека неговиот труд не е евтина ставка во туѓ биланс“, кажа Мицкоски нешто кое не го применува.
Пак го спомна „талогот“.
„Една држава на крајот е токму онаа страна која ќе ја избере да ја награди. Ако ги наградува најспособните, ќе напредува. Ако ги наградува најчесните, ќе има доверба. Ако го наградува трудот, ќе создава. Но ако го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита. А држава во која талогот станува елита е држава од која вистинската елита си заминува. Токму тоа мора да го смениме. Не од одмазда. Не заради политичка пресметка. Туку затоа што без воспоставување на основна правда нема силна држава, нема функционална економија, нема доверба и нема иднина“, се закани Мицкоски и потоа седна до државниот обвинител Ненад Савески.
Побара да нема поделби оти сме биле малку, за веднаш потоа да посвети значајна минутажа на некои што биле различни, што биле против се што оди напред.
„Тие се против болници, против патишта, против нов клинички центар, против инфраструктурни објекти за општините какви градиме, против брза железница, против покачени плати и пензии. Против дата центри, против нови инвестиции. Ако се каже треба нов владин авион, тие веднаш скокаат и велат се луксузирате. А не бројат колку животи ќе се спасат бидејќи тој авион е и за таа цел. Тоа е кусогледата политика“, рече Мицкоски.
Додаде дека во вториот квартал од 2026 година забележан е реален раст на БДП од 4.3 проценти кој е еден од најдобрите во Европа. Рече и дека треба да се има предвид оти „минатата година вториот квартал беше 3.5 проценти, исто така еден од најдобрите во Европа“.
С. К. ДЕЛЕВСКА



