Лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа дека бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ да му честита на изборот на лидерот Христијан Мицкоски и не се договарале за Законот за употреба на јазиците, кој што е блокиран на трето читање во Собранието, откако опозициската партија поднесе околу 35 илјади амандмани.
„Ова не беше средба за договарање, ова беше средба за честитање. Но, се отвори како прашање и ние си имаме наши позиции, ВМРО си има свои позиции. Не разговаравме за напредок“, одговори Ахмети на новинарско прашање за амандманите по средбата.
Мицкоски рече дека во моментов како политичка партија не можат да учествуваат во работата на Собранието од математички и политички причини.
„Математичката е што 12% од нашата пратеничка група е во притвор. Политичката е што имаме сериозно нарушување на демократскиот амбиент во државата“, изјави Мицкоски.