Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не верува дека има пратеници од неговата коалиција кои ќе ја поддржат програмата на претседателот на СДСМ Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по денешната конститутивна седница на новиот собраниски состав. Од друга страна, тој се надева дека има партии од коалицијата на СДСМ кои ќе ја поддржат програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Луѓето во кои бескрајно верувам, а кои се дел од овој парламентарен состав и се дел од пратеничката група ‘За обнова на Македонија’, не верувам дека постои таков кој ќе ја поддржи програмата која што ќе јa понуди господинот Заев“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека ќе почне преговори за формирање влада, но нема да прави пазари.
„Не би ги издвоил само претставниците на албанските партии. И во коалицијата на Зоран Заев има партии кои можеби ќе ја препознаат реформската програма на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја поддржат“, рече Мицкоски.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 15 јули освои 44 пратенички мандати, два помалку од коалицијата на СДСМ. Претседателот Стево Пендаровски во рок од 10 дена треба да го даде мандатот за формирање влада.