МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА ЧЛЕНОВИТЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ САМИ ДА СИ ПОДНЕСАТ ОСТАВКИ АКО ИМ БИДЕ ИЗГЛАСАНА ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ВО СОБРАНИЕТО

    МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА ЧЛЕНОВИТЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ САМИ ДА СИ ПОДНЕСАТ ОСТАВКИ АКО ИМ БИДЕ ИЗГЛАСАНА ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ВО СОБРАНИЕТОВо Собранието е поднесена интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието. Останатите членови ги бираат судиите. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема начин со сила да бидат разрешени членовите на Судскиот совет, па затоа очекува тие да поднесат сами да си поднесат оставки ако им биде изгласана интерпелацијата во Собранието.

    „Мислам дека ќе бидат доблесни, доколку се изгласа интерпелацијата, односно доколку заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на настан во скопската општина Аеродром.

    Сепак, вели премиерот, можно е тие да не си поднесат оставки и да останат на функциите до крајот на мандатот, затоа што, како што вели тој, таков е законот.

    „Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Се разбира, таков е законот, тие можат да си речат не поднесуваме оставка и ќе тераме додека не ни завршат мандатите. Инаку кои се алатките? Еве за да нема дилема. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме со јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок“, вели Мицкоски.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ во петокот поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет кои се бираат од страна на Собранието, а тоа се: Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

    Во поднесените интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет до претседателот на Собранието Африм Гаши се посочува дека се поднесуваат заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира