Носителот на листата за советници на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје и генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски, си поднесе оставка од член на Советот, јави агенцијата Мета.
Мицкоски не можел да прифати да биде советник после африканско-колумбиско-сицилијанските избори, што ги спровел Зоран Заев и групата околу него.
„Како човек, како професор, не можам да учествувам и да давам легитимет на тела избрани на таков начин“, изјави за „Мета“ генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Мицоски.
Христијан Мицкоски е професор на Машинскиот факултет при УКИМ, а во претходната влада, во 2016 година, беше претседател на управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ. Во 2017 година беше советник за енергетика на техничкиот премиер Емил Димитриев.
Според кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ за Советот на Град Скопје, испразнетото место на Мицкоски би требало да го пополни Луке Галески.
ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје имаат 17 советници, СДСМ 21, ДУИ 3, Движењето БЕСА 2, а по еден советник имаат ДПА и Левица.