За реакциите на невладините организации дека прагот за собирање потписи за независни листи за нив е висок, денеска премиерот Христијан Мицкоски кажа дека се носат одлуки во корист на граѓаните, а не на поедини невладини организации.
„Во Германија за да се влезе во Бундестагот треба 5 проценти, во други држави 3 или 4 проценти. Видете, може да се појави некој што не е задоволен. Демократијата е таква. Не можеме ние да забраниме здоволство или незадоволство, ги прифаќаме тие пораки, ги анализираме, носиме најдобри решенија за потребите на граѓаните, а не на поединци или на поедини невладини организации“, рече Мицкоски на пуштањето на реконструираниот комплекс Македонско село во скопско Нерези.
- КВОТИТЕ ЗА УЧЕСТВО НА НЕЗАВИСНИТЕ НА ИЗБОРИТЕ СЕ ПРАВЕНИ СПОРЕД ГЕРМАНСКИ МОДЕЛ, ИМ РЕКОЛ ГАШИ НА ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ, ТИЕ ВЕЛАТ ВО ГЕРМАНИЈА СЕ МНОГУ ПОНИСКИ
- ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ПАК ЗДРУЖЕНО НАПРАВИЈА ИЗМЕНИ НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК ЗА ДА НЕ МОЖАТ ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ИЗБОРИТЕ
Власта и опозицијата повторно здружено направија нови измени на Изборниот законик со кои се оневозможува на граѓанските иницијативи да учествуваат на изборите, иако Уставниот суд на 20 мај ги укина измените кои пратениците ги донесоа во март 2024 со кои се крена прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи да учествуваат на избори на 1 процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица.
Повторно по скратена постапка во Собранието е поднесен Предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот законик со кој прагот прагот за потребни потписи се зголемува.
Граѓанските иницијативи велат дека измените се во колизија со одлуката со која Уставен суд ги укина претходните противуставни одредби од 1%. Сега предложените прагови за потписи се дури и повисоки од 1% за голем број на општини каде што се наоѓаат најголем број од избирачите.
„Претходните одредби беа применувани безмалку две децении и се поставува прашањето зошто пратениците во 2024 година се одлучија да ги изменат по 18 години нивна примена во практиката без доволно аргументирано објективно образложение. Истото се случува и со сегашните предлози“, рекоа од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“, „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово.
Со измени на Изборниот законик се предвидува:
– во општината до 10.000 избирачи најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 10.001 до 20.000 избирачи најмалку 200 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 20.001 до 30.000 избирачи најмалку 300 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 30.001 до 40.000 избирачи најмалку 400 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 40.001 до 50.000 избирачи најмалку 500 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 50.001 до 60.000 избирачи најмалку 600 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 60.001 до 70.000 избирачи најмалку 700 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 70.001 до 80.000 избирачи најмалку 800 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината од 80.001 до 90.000 избирачи најмалку 900 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во општината над 90.001 избирачи најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
– во градот Скопје најмалку 3.500 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список на подрачјето на градот Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА