Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека по разговорите меѓу Министерството за енергетика и менаџментот на ОКТА е договорен дополнителен попуст од еден денар за горивата. Како што кажа тој, со ова, на бензинските станици кои се комитенти на ОКТА, цената ќе биде за три денари пониска од максималната што ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Мицкоски вели дека Македонија во моментов ги има најниските цени на горивата во Европа и дека државата е стабилна во однос на енергенсите.
Тој вели дека нема потреба од ограничување на количината на гориво што можат да го купат граѓаните, иако во пограничните места кон Албанија, Косово, Србија и Грција конзумацијата е зголемена за 10 отсто. Според премиерот, странските државјани точат гориво кај нас бидејќи цените се и до половина евро поевтини отколку во нивните земји. Тој кажа дека нафтоводот е во функција, државните резерви се за околу 60 дена, а со керозин од земјава се снабдуваат и дел од околните аеродроми.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека Владата не презема ништо за да им помогне на најзагрозените граѓани и дека самото намалување на ДДВ-то за горивата нема реален ефект бидејќи приходот во буџетот останува ист поради растот на основицата на цената. Тој смета дека власта не сака да ги скрати сопствените трошоци за луксуз за да им помогне на луѓето во време на криза.
СДСМ предлага целосно укинување на ДДВ-то за горивата и за основните прехранбени производи, односно негово намалување на нула проценти. Филипче бара и намалување на акцизата за четири денари, како и поевтинување на цените на патарините. Според него, само со кратење на акцизата ќе има реално поевтинување што ќе го почувствуваат и компаниите, со што би се спречил понатамошен раст на цените во другите сектори. Опозицискиот лидер повика на воведување посебни мерки за социјално загрозените, пензионерите со ниски примања и семејствата со повеќе деца.



