МИЦКОСКИ ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ СЕ КУПАТ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ ЗА СКОПЈЕ, А РАТИТЕ ЌЕ СЕ ОТПЛАЌААТ ОД 2028 ГОДИНА

    МИЦКОСКИ ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ СЕ КУПАТ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ ЗА СКОПЈЕ, А РАТИТЕ ЌЕ СЕ ОТПЛАЌААТ ОД 2028 ГОДИНАПремиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања во Собранието. (Фото: К. Попов)

    Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ денеска во Собранието го праша премиерот Христијан Мицкоски за загадувањето, но и зошто заедно со менаџерката, како што тој ја претстави, Данела Арсовска, не набавија 250 нови електрични автобуси. Лукаревска праша и зошто три години советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје си играат со здравјето на граѓаните од Скопје и околината, блокирајќи набавка на нови автобуси. Таа на Мицковски му ја прочита изјавата за ветувањето за новите автобуси, кога ја промовираше Арсовска.

    „Сега најавувате нови 250 автобуси. Зошто досега не ги набавивте? И каде се новите автобуси во Буџетот?”, праша Лукаревска на денешната седница за пратенички прашања.

    Мицкоски одговори дека парите нема да ги видиме во новиот Буџет, туку дури во тој за 2028 година, зашто првата од осумте полугодишни рати, ќе доспее дури тогаш. Условот за оваа набавка, ќе биде грејс период од три години. Ќе се набавуваат 100 до 120 електрични автобуси, со 50 полначи.

    „Тоа јас на градоначалничката и го презентирав. Но, се случи што се случи, јас се извинив за грешката со градоначалничката и правиме сè таа грешка да ја поправиме”, одговори Мицкоски.

    Лукаревска го праша премиерот и за когенеративната централа.

    „Пред неколку недели овде кажавте дека когенеретивната централа е излез, а во Буџетот нема пари за такво нешто. Пари за загадување во буџетот нема. Како ќе се борите со загадениот воздух? Што се случи со Планот за чист воздух поздравен и од ЕК, кој го донесе претходната власт и со бројки докажа дека дава резултати?”.

    Мицкоски одговори:

    „За 5 месеци е физички невозможно да истражите, пазарот да се види, тендери да се распишат, спроведат, го знаете и вие тоа. Изведбата на когенеративната централа, утре да почнеме, првата година ќе потрошиме едвај 10 отсто од средствата што би ги резервирале сега. Сите услови да ги имаме сега, би го фатиле евентуално ребалансот. Планираме на 4-5 места да изградиме когенеративни централи. Утре да почнеме да градиме, само за проект ќе ни треба година ипол. Тендер би бил дури 2026 година. Затоа не ги гледате парите во Буџетот. Имавте и забелешки за Дрисла, еве во моментов 5 милиони евра од ЕУ се одблокирани. Во моментов тече тендер за депонија во Свети Николе. Почнува постапка и за депонија во Новаци”.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира