МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ ОД ОВА ЛЕТО ПОЧНУВААТ СО ЗАДОЛЖИТЕЛЕН 6-МЕСЕЧЕН СТАЖ ВО БРЗА ПОМОШ

    МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ ОД ОВА ЛЕТО ПОЧНУВААТ СО ЗАДОЛЖИТЕЛЕН 6-МЕСЕЧЕН СТАЖ ВО БРЗА ПОМОШОд Министерството за здравство велат дека ова е една од мерките, кои ги преземаат за да ги задржат лекарите во земјата и во јавното здравство (Фото: СДК.МК)

    Младите лекари кои ги завршиле студиите на Медицинскиот факултет од летово ќе почнат со задолжителен 6-месечен стаж во здравствените домови низ земјата, поточно во службите за Итна медицинска помош, пунктовите за вакцинација и патронажните служби.

    Од Министерството за здравство велат дека студентите кои завршиле Медицински факултет веднаш по добивање на лиценцата за работа ќе добијат 6-месечна платена практична работа во здравствените домови, што е предвидено и со измените на Законот за здравствена заштита. Од Министерството за здравство велат дека во тек е подготовка на правилниците за реализација на оваа идеја.

    „Како што најавивме пред неколку дена успеавме да направиме модел каде секој студент ќе добие можност за практична настава во здравствените установи. Ова е само еден од многуте чекори кои ги преземаме за подобрување на условите на медицинскиот кадар во земјава. Годинава има околу 250 млади лекари кои се завршени или при крај со студиите, а со практичната работа треба да почнат летово“, вели министерот за здравство д-р Венко Филипче по денешната средбата со трите здруженија на лекари специјализанти.

    Од Министерството за здравство велат дека ова е една од мерките, кои ги преземаат за да ги задржат лекарите во земјата и во јавното здравство.

    „Од јануари годинава ја зголемивме основната плата на здравствените работници, здравствените соработници и помошниот технички персонал, односно лекарите специјалисти добија зголемување од 10 отсто, медицинските сестри, акушерки, лаборанти, рендген техничари, болничари, транспортери и останат персонал на клиниките покачување од 8 отсто, а останатите медицински сестри зголемување од 5 проценти. Сите останати здравствени работници добиваат 5-процентно зголемување. За администрацијата во здравството, пак, е предвидено зголемување на основната плата од 5 отсто од септември годинава. Овие чекори овозможија привлекување нови кадри во јавното здравство, каде само лани се вработија 3.200 здравствени работници“, велат од Министерство за здравство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира