МНОГУ ЧЕСТО ГИ МЕНУВАТЕ ИЗЈАВИТЕ, МУ ЗАБЕЛЕЖА ФИЛИПЧЕ НА МИЦКОСКИ НА ПРВАТА СЕДНИЦА ЗА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ВЛАДАТА

    МНОГУ ЧЕСТО ГИ МЕНУВАТЕ ИЗЈАВИТЕ, МУ ЗАБЕЛЕЖА ФИЛИПЧЕ НА МИЦКОСКИ НА ПРВАТА СЕДНИЦА ЗА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ВЛАДАТАЛидерот на СДСМ Филипче побара од премиерот Христијан Мицкоски да го врати мандатот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Лидерот на СДСМ Венко Филипче на првата седница за пратенички прашања од формирањето на владата, го праша премиерот Христијан Мицкоски кој му е планот за излегување од ќор-сокакот со евроинтеграцијата, потоа зошто се исмејуваше со коридорите 8 и 10 и со инвеститорот „Бехтел и Енка”, а завчера отиде да се слика и да промовира почеток на проектот, но и за скандалот со фалсификуваното уверение за познавање на англискиот јазик на директорот на АНБ Бојан Христовски.

    Филипче побара од Мицкоски да го врати мандатот, зашто излажа.

    „Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете ‘Северна’. Па ајде премиере, еве сега е шанса во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име, а некои богами и гордост го изговараат. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ’рбет, но тоа го знаевме. Она што е важно да го знаат граѓаните, е дека вие господине Мицкоски го признавте успехот на целата политика на СДСМ во однос на стратешките прашања и решавањето на споровите. Секако, ниту имате доблест, ниту честитост, тоа да го признаете“, рече Филипче.

    Откако премиерот ги кажа познатите ставови дека не прифаќа уцени и од опозицијата побара да им се извини на граѓаните, Филипче рече:

    „Сега првпат можете да го направите тоа што ви е на дофат. Вие го запревте возот, го запревте процесот кон ЕУ, а немате право за тоа. Ако не преземете нешто, возот ќе отиде во провалија”.

    За второто прашање, Мицкоски кажа дека коридорите 8 и 10 биле дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ долго време и оти можеби биле и во тие на СДСМ, но дека тоа што го направиле со „Бехтел и Енка“ било срам за тогашниот министер Благој Бочварски и за тогашниот премиер Димитар Ковачевски.

    „Ви се смееја од ДУИ, играа фудбалчиња. Носевте овде срамни закони, неевропски. Да, бевме против и уште сме. Стоеја над 350 милиони долари потрошени, а ни милиметар од коридорите не беше изграден. Требаше да излеземе и да платиме пенали уште неколку стотици милиони? Не, излеговме и означивме расчистена траса за да почне да се гради”, кажа тој.

    По ова Филипче изрази загриженост дека Мицкоски многу почна да ги менува изјавите.

    „Добро е премиере што ги признвте сите стратешки проекти на СДСМ: Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, ‘Бехтел и Енка’… кои вашата партија ги блокираше. Само, многу често ги менувате изјавите и ставовите. Едно зборевте тогаш, сега друго”, кажа лидерот на СДСМ.

    На прашањето за директорот на АНБ, Мицкоски отиде во контранапад.

    Премиерот дошол спремен со хартии за кои кажа дека биле исти такви уверенија за англиски, како тоа на Христовски од непостоечкиот испитен центар во Пловдив. Излезе од говорницата и остави неколку на пултот на првиот ред на пратениците од опозицијата.

    „Има институции кои треба да го проверат уверението на директорот на АНБ. Еве јас ќе ти дадам сега таков сертификат, за личности кои седат до вас. Сакате да ги видите сертификатите на директорите кои седат до вас?”, кажа премиерот и се пожали дека му ја снимале куќата со дрон кога одел на терен во Прилеп, како на лидер на опозицијата.

    „Не ви бега одговорноста за тоа“, рече тој.

    Филипче не беше задоволен ни од одговорот на третото прашање.

    „Ако нешто не било правилно, зошто го правите истото? Второ, партизацијата на системот е многу лош сигнал, дека ако си од партија, само така ќе напредуваш. Прочитајте го извештајот, видете како ЕУ реагира на партизацијата што ја спроведувате”, рече Филипче.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира