Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски тврди дека со системот за сообраќајни прекршоци што го набави тој за 70.000 евра ќе се намали бројот на жртвите за една половина, бројот на повредените за две третини и материјалната штета за повеќе од половина. Рашковски е обвинет за Злоупотреба на службената положба и овластување во врска со набавката на системот, а судењето почнува утре.
Во допис до медиумите, тој ги наведува можностите на системот, за кој што вели дека систем со таква комплексност нема во повеќе од 5 земји во светот, а кои имаат потрошено неколку десетици милиони евра.
„Системот е целосно функционален, имплементиран, тестиран, спремен за употреба, спремен да превенира губење на човечки животи, намалување на бројот на повредени учесници во сообраќајот и намалување на материјална штета“, вели Рашковски во дописот за системот што е негов изум.
Според Рашковски, системот преку камерите врши контрола на просечната брзина на движење на возилата, детектира непрописно престројување и престигнување, поминување на црвено светло, неносење на сигурносен појас, можно зборување на мобилен телефон додека се управува со возило, нерегистрирани возила, лажни таблички итн. и автоматски издава комплетен извештај со слика од местото на сторениот прекршок и автоматски генерира казни.
Во Скопје веќе 10 години се најавува систем за издавање сообраќајни казни преку видеонадзор, но проектот никако да почне. Во моментов е во фаза на работни групи, а пари за набавка на ваков систем за 2022 година не се предвидени кај МВР. Кога беше уапсен Рашковски, во март 2021, од МВР соопштија дека тие немаат потреба од софтверот за сообраќајни прекршоци што го набавил поранешниот генерален секретар на Владата.
Снимките од камерите кои веќе се поставени речиси насекаде низ градот, засега служат само како информација за обвинителите кои водат истраги за тешки сообраќајни несреќи, како таа во четвртокот, кога кај „Сити Мол“ на пешачки загина 24-годишна девојка, без превентивна моќ.
Поранешното СЈО отвори истрага за незаконска набавка на системот под сомневање дека биле платени стотици камери, а набавени само 60-ина во времето на поранешната министерка Гордана Јанкулоска, но истрагата не виде светол ден. Згасна СЈО, истрагите се префрлија, обвинети досега нема.
За да почне да функционира ваков систем, потребно е и усогласување на Законот за заштита на лични податоци, зашто тие камери треба да ги снимаат сообраќајните прекршоци, значи возилата и возачите, автоматски да ги фотографираат и да ги пратат во МВР. Казната потоа автоматски се испраќа со снимка и со доказ кај сторителот на сообраќајниот прекршок.
Идејата беше сето ова кога со законски измени изгласани во Парламентот ќе почне да се применува, да влијае превентивно во сообраќајната култура, да се почитуваат сообраќајните правила, прописи и сигнализацијата, кога секој ќе знае дека ќе биде снимен кога прави прекршоци во сообраќајот.
М. ИЛИОСКИ