„ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“ БАРА ОД ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ И ОД ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА ДА СЕ АКТИВИРААТ КАМЕРИТЕ НА УЛИЦИТЕ ЗА КАЗНИ ВО СООБРАЌАЈОТ

    „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“ БАРА ОД ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ И ОД ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА ДА СЕ АКТИВИРААТ КАМЕРИТЕ НА УЛИЦИТЕ ЗА КАЗНИ ВО СООБРАЌАЈОТОд „Шанса за Центар“ велат дека ативирањето на автоматскиот систем со камери ќе ја олесни работата на полицијата, ќе ја зголеми сообраќајната дисциплина и култура, а со тоа и безбедноста во сообраќајот.(Фото: СДК.МК)

    Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ бара од премиерот Димитар Ковачевски, Владата и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска најитно да се активира автоматскиот систем за следење и казнување во сообраќајот во главниот град. По последната сообраќајна несреќа во Скопје, во која синоќа беше прегазена и почина 24-годишна девојка која минувала на пешачки премин, од Иницијативата  сметаат дека неодложно треба да се преземе одговорност и да се покаже политичка волја за што побрзо воспоставување на сообраќајна безбедност на патиштата низ државата, а особено на градските улици во Скопје.

    „Очекуваме одговорност, зрелост и конструктивност, поради безбедноста на сите граѓани. Бараме најитно да се активира автоматскиот систем за следење и казнување во сообраќајот во Скопје. Истовремено, бараме решенијата за зголемување на безбедноста во сообраќајот да ги третираат најранливите и нивните потреби, а проектите за нови сообраќајници да ја имаат безбедноста како носечка компонента вклучувајќи инфраструктурни бариери и успорувачи на брзини“, се вели во барањето на „Шанса за Центар“.

    Од „Шанса за Центар“, која има три советници во Советот на Општина Центар, велат дека активирањето на автоматскиот систем со камери ќе ја олесни работата на полицијата, ќе ја зголеми сообраќајната дисциплина и култура, а со тоа ќе се зголеми и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Со ова ќе се растерети и судскиот систем од администрирање на сообраќајни прекршоци, кои во голем дел остануваат без епилог или казни кои не се спроведени.

    „Во духот на борбата против корупција и транспарентното управување кое очекуваме да биде врвен приоритет во државата, го бараме активирањето на автоматскиот систем за следење и казнување, со кој граѓаните ќе се чувствуваат правично дури и кога ќе бидат казнети, бидејќи ќе знаат дека системот не распознава моќ, врски и познанства. Фактот што има жртви во сообраќајот е последица токму на неодговорното префрлање на надлежностите“, велат од „Шанса за Центар“.

    Синоќа, на булеварот Партизански одреди во Скопје загина девојка која на пешачки премин беше прегазена од 22-годишник, за кого судијата на претходна постапка одреди 30-дневен притвор. Иако на скопските улиците се вози со многу поголема брзина од дозволеното и чести се несреќите со човечки жртви, камерите не работат иако се поставени. Десет години не се најде ниту еден министер за внатрешни работи и Влада да ги стави во функција и да се казнува врз основа на снимките.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира