КОНТРОЛАТА НА СООБРАЌАЈОТ НА СКОПСКИТЕ УЛИЦИ СО КАМЕРИ ЗАГЛАВЕНА 10 ГОДИНИ ВО ИСТРАГИ ЗА КОРУПЦИЈА И РАБОТНИ ГРУПИ

    КОНТРОЛАТА НА СООБРАЌАЈОТ НА СКОПСКИТЕ УЛИЦИ СО КАМЕРИ ЗАГЛАВЕНА 10 ГОДИНИ ВО ИСТРАГИ ЗА КОРУПЦИЈА И РАБОТНИ ГРУПИПоранешното СЈО отвори истрага за незаконска набавка на системот под сомневање дека биле платени стотици камери, а набавени само 60-ина, но истрагата не виде светол ден. Згасна СЈО, истрагите се префрлија, обвинети досега нема. - Сообраќаен хаос во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Ни систем сообраќајни камери на улиците и патиштата, ни автоматски казни, ни ЕУ-стандарди, ни планиран тендер нема и понатаму, додека стапнувањето со нога на асфалт станува опасно по животот, особено во Скопје. На улиците има само безбедносни камери на МВР, кои се за друга намена. Во случаи на тешки сообраќајни несреќи како синоќешната на Партизанска во Скопје, во која на пешачки премин загина на место 24-годишна девојка од Радовиш, може да послужат само како информација за обвинителот што ја води истрагата, без превентивна моќ.

    „Издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот на местото каде се случи несреќата“, стои во соопштението од Обвинителството, што само по себе кажува дека тие камери не се сообраќајни и за нивно користење треба наредба од обвинител.

    МВР и државата воопшто не се брзаат за набавка на безбедносен систем со камери во сообраќајот, кој би значел неселективност во казнувањето. За него нема пари, ама затоа за Оперативно-техничката агенција (ОТА) државата лани издвоила 3,3 милиони евра, а годинава според Буџетот, добила 5,5 милиони евра. Никој не знае зошто ѝ се толку многу милиони евра, кога не прислушува и следи, тоа е работа на АНБ (поранешната УБК).

    Идејата за набавка на систем за ловење сообраќајни прекршоци од несовесни возачи е стара, но корумпирана и неостварена. Вакви камери за надзор на сообраќајот имало набавено уште во времето на претходната власт, кога министер за внатрешни работи била Гордана Јанкулоска, но набавката е сомнителна.

    Поранешното СЈО отвори истрага за незаконска набавка на системот под сомневање дека биле платени стотици камери, а набавени само 60-ина, но истрагата не виде светол ден. Згасна СЈО, истрагите се префрлија, обвинети досега нема.

    Од друга страна, упатените во МВР потенцираат дека идејата е искомпромитирана и за време на оваа власт, со незаконската набавка на софтвер за следење на сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

    Рашковски е обвинет и деновиве почнува судскиот процес против него и соучесниците.

    Од она што го дознавме од МВР за килавењето со камерите за сообраќајни прекршоци и кривични дела, е дека во моментов има работна група која собира странски искуства за функционирање на ваков безбедносен систем во сообраќајот. Ако се провери во Буџетот, пари за набавка на ваков систем за 2022 година не се предвидени кај МВР.

    Работната група вршела и усогласување на Законот за заштита на лични податоци, зашто тие камери треба да ги снимаат сообраќајните прекршоци, значи возилата и возачите, автоматски да ги фотографираат и да ги пратат во МВР. Казната потоа автоматски се испраќа со снимка и со доказ кај сторителот на сообраќајниот прекршок.

    Идејата беше сето ова кога со законски измени изгласани во Парламентот ќе почне да се применува, да влијае превентивно во сообраќајната култура, да се почитуваат сообраќајните правила, прописи и сигнализацијата, кога секој ќе знае дека ќе биде снимен кога ќе лудува на асфалтот.

    Патот до вградување на ваков систем од непознати причини, се комплицира. Во меѓувреме, залудно сообраќајната полиција урива рекорди со деноноќни сообраќајни контроли и со казни низ целата држава, кога на „црвено“ и на пешачки премин гинат луѓе како глинени гулаби.

    Од МВР велат дека во текот на 2021 година се изречени 240.871 санкции за непочитување на сообраќајните правила, што е за четири пати повеќе споредено со 2020 година, кога биле изречени 55.444 санкции. Од овие 240.871 санкции, најголем дел се за пребрзо возење -104.703, прекршок кој според сите анализи е најчеста причина за сообраќајни несреќи со тешки последици. Покрај тоа санкционирани се 24.053 лица за управување без возачка дозвола, 10.360 возачи кои возеле под дејство на алкохол итн.

    Како резултат на овие активности, велат од МВР, 2021 година е година со најмалку жртви на сообраќајниците во Република Северна Македонија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира