Момче завиткано со албанско знаме доцна синоќа, за време на прославата на Денот на албанското знаме 28 Ноември, насилно ја отстранило таблата со грбот на Република Србија на српскиот Конзулат во Куманово. Од Амбасадата на Србија испратија соопштение до медиумите и видео од снимките од безбедностите камери на кое се гледа уништувањето на државните симболи на Србија.
„Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија најостро го осудува вандалскиот чин што се случи вчера, 28 ноември 2024 година, кога од фасадата на зградата на Конзулатот на Република Србија во Куманово на чело со почесниот конзул, во доцните вечерни часови, младо машко лице, обвиено со албанско знаме, насилно ја отстрани таблата со грбот на Република Србија и натписот ‘Конзулат на Република Србија во Куманово – Почесен конзул’, напишан на српски и македонски јазик. Изразуваме длабока загриженост во врска со вчерашното сквернавење на државните симболи на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово, особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и резиденцијални објекти наменети за членовите на дипломатскиот персонал на Република Србија, не е првпат да бидат предмет на вандалски напади на територијата на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од Амбасадата.
Од српската Амбасадата се надеваат на што поскоро откривање и процесуирање на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет може недвосмислено да се утврди врз основа на достапните снимки од безбедносни камери.
„Амбасадата на Република Србија останува посветена на негување пријателски односи со Република Северна Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат се за да се реши овој случај на адекватен начин“, додаваат од Амбасадата на Србија.
На синоќешната прослава на Денот на албанското знаме во Скопје, македонското знаме беше палено, кинето и газено, а центарот на градот беше блокиран од прославата и се слушаше и пукање.Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека вчерашното палење на македонското знаме е од мала група која сака да предизвика етнички тензии за да ги скрие криминалите кои ги правела во минатото. Осум лица, меѓу кои и еден малолетник се уапсени по вчерашните инциденти во Скопје. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција денес рече дека четири од уапсените лица се приведени поради учество во тепачка, а другите се лишени од слобода поради предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост.