МОМЧЕТО СО РЕТКА БОЛЕСТ НА КОЖАТА ИМ КУПИ ПОДАРОЦИ НА ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ОД ГОСТИВАР ЗА ДА НЕ БИДАТ ЗАБОРАВЕНИ

    МОМЧЕТО СО РЕТКА БОЛЕСТ НА КОЖАТА ИМ КУПИ ПОДАРОЦИ НА ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ОД ГОСТИВАР ЗА ДА НЕ БИДАТ ЗАБОРАВЕНИ„Лек за мојата болест во моментов не постои и единствено што посакувам е да се вработам“, вели Јосиф Мишевски со ретката болест на кожата ихтиоза, кој им однесе новогодишни подароци на децата од Дневниот центар за деца со посебни потреби во Гостивар

    Петнаесетина деца од Дневниот центар за деца со посебни потреби во Гостивар денес добија новогодишни подароци од нивниот сограѓанин Јосиф Мишевски, кој исто така е посебен, бидејќи боледува од ретка болест ихтиоза, која се манифестира со црвена боја на кожата. Според регистарот на ретки болести, Јосиф е единствениот во земјава кој боледува од ова ретко заболување на кожата за кое нема лек, а терапијата што ја користи е второлиниска терапија која не е покриена од државата. Оваа терапија за него е единствен лек, бидејќи му помага да спречи дополнително оштетување на кожата.

    Јосиф, кој потекнува од гостиварското село Тумчевиште, има 27 години и е дипломиран фармацевт, но вели дека засега нема среќа да се вработи. Годинава преку проект финансиран од Европската унија тој беше на практика во една фармацевтска компанија во Скопје. Подароците за дечињата ги купил со дел од средствата кои ги ги добил како надомест за времето поминато како практикант во фармацевтската компанија.

    „Изминативе три месеци бев вклучен како практикант во една фармацевтска компанија преку Агенцијата за вработување преку проект финансиран од Европска Унија. Секој месец добивав надомест 5.000 денари. Со дел од парите ги покривав патните трошоци, а со останатите пари што ми останаа решив да направам нешто за оние на кои им е најпотребна помош. Човек треба да има волја и желба нешто да се направи, и не е важно дали си вработен или не. Се разбира, во одреден сегмент финансиите играат клучна улога, но сметав дека треба да ги израдувам овие деца, бидејќи и нив како и лицата со ретки болести, општеството често ги заборава. Насмевките на лицата на овие деца ми го стоплија срцето. Можеби јас нив за момент ги направив среќни, но тие мене ме направија уште посреќен“, вели Јосиф.

    Тој вели дека негова најголема новогодишна желба е да се вработи, за да покаже дека и лицата со ретки болести можат да работат и да бидат корисни членови на општеството.

    „Со оглед на тоа дека лек за мојата болест во моментов не постои и тоа е факт, терапијата која ја користам е симпотамтска. Единствено што посакувам во новата година е да се вработам согласно мојот образовен профил и квалификации. Не барав да бидам товар на општеството, напротив барам да бидам корисен. Надлежните институции исто така да се ангажираат лицата со ретки болести и лицата со посебни потреби постојано и навреме да ја добиваат потребната терапија“, вели Мишевски.

    Е. БОЧВАРОСКА


    Оваа статија се продуцира со помош на грант доделен преку проектот „Коалиција за медиумска писменост“, што го спроведува Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и весникот „Нова Македонија“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во оваа статија се одговорност единствено на Сакам да кажам и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира