Базенот во рамките на Спортскиот центар (СЦ) „Борис Трајковски“ нема да работи две години откако е затворен по невремето кое го зафати Скопје на 21 јули. Во невремето летна кровот на базенот, и делови паѓале внатре во патеките за пливање каде во тој момент имало посетители, по што се правела евакуација.
Директорот на базенот Даниел Апостоловски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека нема да биде отворен додека целосно не се реконструира.
„Базенот и пред невремето беше во лоша состојба и му требаше итна санација. По невремето одлета кровот и сега нема да правиме никакви интервенции само на кровот, туку ќе биде затворен додека целосно не се реновира. Готов е проектот и во наредниот период ќе распишеме тендер за изведувач. Очекуваме градежните работи да почнат во ноември. Ќе се реконструира од темел, од машинската соба до кровот“, вели Апостоловски.
Според проектната документација, реконстуркцијата треба да трае од 12 до 18 месеци. Со оглед дека базенот е затворен во јули и потребни ќе бидат неколку месеци за спроведување на тендерот, изборот на фирма и склучување договор, базенот ќе биде затворен за посетители околу две години.
Базенот беше реновиран во 2010 кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а директор на објектот беше Ратко Капушевски. Лани, кога падна летва од таванот, Апостоловски кажа дека тоа се случило бидејќи реновирањето не било направено како што треба и најави дека ќе следи целосно санација за да се отстранат сите проблеми. Тогаш во базенот беше поставено црно платно на таванот, а санацијата траеше 5 месеци.
А. АНТЕВСКА



