МОМЧИЊАТА И МАЖИТЕ СЕ ПОПОДЛОЖНИ НА ТЕШКИ НАСИЛСТВА И САМОУБИСТВА, ВО СКОПЈЕ ОТВОРЕН ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА НИВНА ПСИХОЛОШКА ПОДДРШКА

    МОМЧИЊАТА И МАЖИТЕ СЕ ПОПОДЛОЖНИ НА ТЕШКИ НАСИЛСТВА И САМОУБИСТВА, ВО СКОПЈЕ ОТВОРЕН ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА НИВНА ПСИХОЛОШКА ПОДДРШКАЦентарот ќе биде отворен за советувања вторник, среда и четврток од 10 до 17 часот. (Фото: ХЕРА)

    Дваесет и четири отсто од момчињата (наспроти 8 отсто од девојчињата од паралелки на македонски наставен јазик) и 21 процент од момчињата (наспроти 2 отсто од девојчиња од паралелки на албански наставен јазик) учествувале во тепачки, два или повеќе пати во изминатите 12 месеци, вели Весна Матевска, програмскa раководителка во Асоцијацијата за здравствена едукација ХЕРА.

    Асоцијацијата денеска го отвори првиот ММ – Центар за советување и поддршка на момчиња и мажи, кој ќе нуди бесплатни советувања кои ќе ги спроведуваат психотерапевти и психолози.

    Според Матевска, ваков тип центри се неопходни во системот за што укажуваат и сите податоци и истражувања направени во изминатите неколку години. Родовата еднаквост, вели таа, се однесува на девојките и момчињата и на жените и мажите.

    „Родовата еднаквост значи и поддршка и грижа за ментално и физичко здравје за момчињата и мажите. Молкот не е одговор кога момчињата немаат сила да се справат со предизвиците. Токму на тоа укажуваат наодите од меѓународната ХБСЦ студијата посочуваат дека насилството меѓу момчињата во Македонија најчесто се случува во или меѓу групите врсници. Момчињата се далеку понасилни од девојчињата пред сѐ поради отворената поддршка на таквото однесување, кое се доживува како начин на ‘машко’ растење, чија последица може да биде повредување на другите или самоповредување“, кажа Матевска.

    Според Кирил Тројачанец, кој е психолог и експерт за стрес, општествените очекувања ги притискаат момчињата од најмала возраст да не ги покажуваат своите емоции, што е причина за постојан стрес и ранливо ментално здравје. Тројачанец упати директна порака до момчињата дека молкот не е одговор кога се соочуваат со врсничко насилство.

    Резултатите од неодамнешното истражување на Националниот младински совет на Македонија, покажувааат дека младите имаат сериозни предизвици со менталното здравје. Податоците од ова истражување се поразителни, вели таа, дури 58% од младите се борат со анксиозност, а 64% се чувствуваат депресивно.

    Истражувањето на „Реактор“ кажува дека мажите се најголем дел од жртвите на насилни злосторства, како што се тешки напади и убиства, а кои ги вршат други мажи. Понатаму, мажите имаат поголеми изгледи за самоубиство. Според истото истражување младите момчиња и мажи, кои се соочуваат со анксиозност или депресија, чувствуваат страв за споделување на тоа што го мислат или чувствуваат, односно сметаат дека доколку ги споделат проблемите кои им го отежнуваат секојдневието, тоа би ги направило во очите на другите „слаби мажи”.

    „Ако ова се податоците кои ја опишуваат сликата за менталното здравје на момчињата и мажите кај нас, тогаш јасно е зашто ни е потребен ваков центар за поддршка. Овој центар ќе овозможи безбедна и пријатна средина во која момчињата и мажите отворено ќе зборуваат за своите потреби и ќе побараат поддршка без некој при тоа да ги етикетира. Тие сега ќе имаат свое место во кое отворено ќе може побараат решение за предизвиците и место во кое ќе може момчињата и мажите да добијат поддршка за емоционален раст и развој“, рече Матевска.

    Психотерапевтите ќе работат по моделот на Австриското здружение Verein Für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark, Austria, а со финансиска поддршка од Сојузното министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија.

    Спортскиот психолог Ленче Алексовска-Величковска смета дека очекувањата што тренерите, соиграчите и навивачите ги поставуваат врз спортистите од една страна може да послужат како мотивирачка сила, поттикнувајќи ги да го постигнат најдоброто од себе, меѓутоа кога очекувањата се преголеми, тие доведуваат до зголемен стрес и анксиозност и насилно однесување.

    Советувањата ќе се спроведуваат со физичко присуство или преку виртуелни канали на македонски и албански јазик. Просториите се сместени во Младинскиот центар „Сакам да знам”  (Елисие Поповски Марко 2, Скопје ). Центарот ќе биде отворен за советувања вторник, среда и четврток од 10 до 17 часот. Термините треба да се закажат на следниов телефoнски број 070/299-026, или на е-пошта: [email protected], како и на Инстаграм профилот man.mind.skopje.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира