МОРА СИТЕ ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ ВО ПРАЗНИЧНИОТ ГОВОР

    МОРА СИТЕ ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ ВО ПРАЗНИЧНИОТ ГОВОРПремиерот Димитар Ковачевски се обрати на Денот на независноста 8 Септември на прославата во паркот Ибни Пајко во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Мора да се обединиме за да се реализира нашата втора стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија. Конечно е тоа можно, по 17 години од добиениот кандидатски статус, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето по повод Денот на независноста 8 Септември на прославата во паркот Ибни Пајко во Скопје.

    Премиерот кажа дека земјава ги отвори преговорите со Европската Унија и одржана е првата меѓувладина конференција, во Советот на ЕУ.

    „На патот, од независноста – до денес, наша света должност беше да го зачуваме македонскиот идентитет и да ја развиеме функционалната мултиетничност, по којашто денес сме препознаени во светот”, кажа Ковачевски.

    Тој ги повика граѓаните на обединување во слободата на одлучување.

    „Знаеме дека мора да продолжиме по европскиот пат, поради нас самите и за оваа цел вреди да се обединиме, без калкулации и без задршки – исто како за независноста во 1991-та, исто како во битките 1903 и 1944 година. Државничките одлуки подразбираат лидерство и храброст за слободно одлучување, посебно кога тие одлуки се влог во подобра сегашност и подобра иднина за сегашните и идните генерации”, рече премиерот Ковачевски.

    Тој го заврши обраќањето со мисла на претседателот Киро Глигоров.

    „На Балканот, вели во една изјава тој, премногу се живее од историјата, а премалку од она што ќе биде утре. Верувам дека тој би бил горд денес, бидејќи ние, во нашата држава, како и на Балканот, прогресивните раководства денес се фокусирани кон подобро утре, поучени од вчера”, рече Ковачевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира