МОЖЕМЕ ДА КАЖЕМЕ ПОЛИТИЧКИ СТАВ БЕЗ ДА СЕ НАВРЕДУВАМЕ, РЕЧЕ ГАШИ ЗА НАВРЕДИТЕ НА МИНИСТЕРКАТА КОЧОСКА-ДИМИТРИЕСКА КОН ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА

    МОЖЕМЕ ДА КАЖЕМЕ ПОЛИТИЧКИ СТАВ БЕЗ ДА СЕ НАВРЕДУВАМЕ, РЕЧЕ ГАШИ ЗА НАВРЕДИТЕ НА МИНИСТЕРКАТА КОЧОСКА-ДИМИТРИЕСКА КОН ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКАМинистерката Димитриеска-Кочоска вчера, одговарајќи на пратеничко прашање, ѝ кажа на пратеничката Славјанка Петровска дека нема право во прашањата да спомнува мајки, бидејќи нема деца. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека собраниската говорница не треба да се користи за навреди, прашан за негов став за вчерашните навреди и дискриминација која министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска ги упати кон пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска.

    „Политичката култура треба да важи за сите, вклучително и за министрите во владата. Повикувам со тој говор на омраза да бидеме внимателни оти има последици и врз рушење на дигнитетот на Собранието. Недозволиво е тоа, мора да се почитуваме едни со други, и за тоа ни треба уште работа. Можеме да кажуваме политички ставови без да се навредуваме едни со други”, рече Гаши на денешниот брифинг со новинари.

    На прашањето зошто потпретседателката на Собранието Весна Бендевска, која го менуваше Гаши и ја водеше седницата, не реагираше на навредите, претседателот на Собранието рече дека треба да се реагира кога од говорницата се изнесуваат навреди.

    Петровска денеска најави дека ќе поднесе претставка до Комисија за спречување и заштита од дискриминација поради тоа што министерката за финансии упатила лични напади кон неа. Таа смета дека намерата била да биде омаловажена затоа што нема деца и семејство.

    Денеска, одговарајќи на прашање на прес-конференција во Владата на која соопшти за рекорден износ странски инвестиции лани, министерката Димитриеска-Кочоска рече дека немала никогаш намера да навреди никого и оти оваа тема за неа е затворена.

    „Во однос на ова прашање и вчера бев многу јасна, но еве денес да го заокружиме и јас очекувам со ова за мене да биде затворено. Веќе изразив жалење за целиот контекст, но и самите сте свесни дека народот има поважни теми од лажната тема која ја создаваат за дефокус. И таа самата го знае тоа, ама вака сега ѝ чини да изиграва жртва“, рече Димитриеска-Кочоска, читајќи однапред подготвена изјава.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира