МРТВ И АЕК МИЗЕРНО ПОТФРЛИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МАНЧЕВСКИ

    МРТВ И АЕК МИЗЕРНО ПОТФРЛИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МАНЧЕВСКИОд презентацијата на завршниот мониторинг извештај за работата на АЕК и АВМУ, што го спроведе невладината Евротинк со финансиска поддршка од Владата на Велика Британија. (Фото: СДК.МК)

    Регулаторните тела, односно Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) мизерно потфрлија, па мораше да се формираат ад хок за контрола на медиумите, кажа министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски на презентацијата на завршниот мониторинг извештај за работата на АЕК и АВМУ.

    Тој кажа дека поради политичката криза морале да почнат процес на измена на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, и дека поради сè што се случуваше во медиумската сфера потребни се подобри законски решенија за да се обезбеди независност и ефикасност во работата на регулаторните тела.

    „Саморегулацијата е најдобриот начин медиумите да ја извршуваат својата работа и да служат на јавниот интерес. Но поради сè што се случуваше и регулаторите не си ја вршеа работата мораше да се формираат ад хок тела. Според мене и АЕК и АВМУ и МРТВ мизерно потфрлија“, рече Манчевски.

    Тој кажа дека со законските измени треба да се обезбеди деполитизација и департизација на регулаторните тела, бидејќи дел од членовите на овие тела сè уште се високи партиски членови, а дел се и роднински поврзани.

    „Партиите мора да ги тргнат рацете од регулаторните тела и тие да бидат вистински независни. Номинацијата на членови во регулаторните тела мора да биде јавен и транспарентен“, кажа Манчевски.

    Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пак смета дека укинувањето на радиодифузната такса, што беше направено кон крајот на минатата година, и промената на членовите на Агенцијата, негативно ќе се одрази на нејзината работа и независност.

    „Неосновано се вршеше дискредитација на работата на агенцијата, со тврдења дека не го спречила влдиното рекламирање во медиумите и говорот на омраза. Во врска со владиното рекламирање такво нешто беше и сè уште е дозволено со законските решенија и Агенцијата тоа не можеше да го забрани. Во поглед на говорот на омраза Агенцијата нема можност да изрекува казни, туку да ги нотира случаите за кое редовно поднесувавме извештаи и до надлежните и до јавноста. Професионалното однесување на Агенцијата за време на изборите беше нотирано во извештаите на ОБСЕ и ОДХР“, рече Трајчевски.

    Билјана Бејкова, извршна директорка на „Инфоцентар“, кажа дека мониторингот покажал дека АЕК вишокот пари го дава како донации надвор од нејзината основна дејност, како што беше донацијата што ја даде на ЈСП за панорамското тркало, но дека таа практика престанала лани, а и годинава не се планирани вакви донации.

    „Кај АЕК трудовата инспекција откри неправилност во работата на три лица, и овие неправилности беа отстранети по укажување на инспекторите. Во целиот процес на мониторинг направени се анкети меѓу граѓаните и многу малку од нив знаат што работат регулаторните тела. Загрижува фактот што граѓаните овие регулаторни тела не ги сметаат за независни, бидејќи мислат дека нивните директори се поставени поради блискост со одредена политичка партија“, кажа Бејкова.

    Мониторингот на работата на регулаторните тела се спроведуваше изминатите 18 месеци во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите“, финансиран од Владата на Велика Британија, а го спроведоа невладините „Евротинк“, „Инфоцентар“, „Транспарентност Македонија Скопје“, и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира