МУ РЕКОВ НА ЉУБЕ ДА НЕ ПОТПИШУВА НИШТО, ПРЕТРЕС НА ВОЗИЛО 2-3 ЧАСА ПО АПСЕЊЕТО Е НЕЛЕГИТИМЕН, СВЕДОЧЕШЕ АДВОКАТОТ ЏАНГО НА „ТОРТУРА“

    МУ РЕКОВ НА ЉУБЕ ДА НЕ ПОТПИШУВА НИШТО, ПРЕТРЕС НА ВОЗИЛО 2-3 ЧАСА ПО АПСЕЊЕТО Е НЕЛЕГИТИМЕН, СВЕДОЧЕШЕ АДВОКАТОТ ЏАНГО НА „ТОРТУРА“Во случајот „Тортура“ обвинети се ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, тогашниот командант на единицата „Алфи“ Ивица Антевски-Пуки и уште петмина „алфи“. - Сашо Мијалков на судење за „Тортура“ (Фото: СДК.МК)

    На судењето за „Тортура“, предмет на СЈО за нечовечко и понижувачко постапување при апсењето на Љубе Бошкоски ден по изборите во 2011 година на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, во Кривичниот суд денеска како сведок на СЈО одговараше на прашања неговиот тогашен адвокат Љубомир Михајловски – Џанго.

    „На 6 јуни 2011 година ми се јави Љубе Бошкоски кој бил уапсен и однесен во полициската станица во Гази Баба. Ме повика да дојдам. ’Ме наместија. Не сум земал пари‘ ми рече Љубе веднаш“, сведочеше Џанго.

    Михајловски кажа дека Бошкоски се пожалил на начинот на апсењето, бидејќи го врзале со лисици, а не давал никаков отпор.

    „Овластените лица рекоа дека треба да го вратат пред ‘Воденица’ за претрес на возилото. Им реков дека поминати се 2-3 часа од апсењето и за тоа време може да се стави сѐ во автомобилот, да се подметне. Претресот за мене како бранител по толку време, е нелегитимен. Му реков на Љубе да не потпишува ништо“, рече тој и додаде дека возилото било подигнато од паркингот пред кафеаната, без потврда за одземени предмети.

    На прашање, одговори дека Бошкоски немал физички повреди.

    Во случајот „Тортура“ обвинети се ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, тогашниот командант на единицата „Алфи“ Ивица Антевски-Пуки и уште петмина „алфи“.

    Тие се товарат за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на „Обединети за Македонија“ Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година.

    Бошкоски, според СЈО, беше двапати апсен, односно враќан пред ресторанот „Воденица“, зашто апсењето не го снимиле убаво баш сите национални телевизии.

    Обвинетите сакаат да докажат дека тој бил апсен по стандардни процедури.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира