Министерството за внатрешни работи ги почнало подготовките за постапка ветинг на вработените во министерството.
„Министерство за внатрешни работи ќе направи целосен ветинг на вработените. Почнати се подготвителните активности, направени се компаративни анализи и наскоро се очекува дефинирање на правната рамка, која ќе биде предложена до Собранието“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.
Министерот Спасовски рече дека процесот на ветинг, или проверка на минатото на кандидатот за вработување во МВР, ќе биде направен врз основа на строги критериуми.
„Тоа значи да има професионални полицајци, декриминализирана, департизирана полиција, која ќе го штити интересот на граѓаните, полицајци, кои професионално и одговорно си ја вршат својата задача“, рече Спасовски.
Со ветингот, според Спасовски ќе се види дали полицајците се службеници или во исто време се и бизнисмени или се вклучени во други криминални работи. Со проверката целта била да се врати довербата на граѓаните во полицијата.