Министерството за внатрешни работи денеска ја објави меѓународната потерница по 18-годишникот кој возејќи без возачка дозвола на 9 јануари удри и усмрти жена во скопски Капиштец. Потерницата е распишана за Саит Саитов од Скопје, од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Тој избега од местото на несреќата и ја напушти државата.
„Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
- 18-ГОДИШНИКОТ КОЈ ИЗБЕГА ОД ДРЖАВАТА ОТКАКО ПРЕГАЗИ ЖЕНА ВО КАПИШТЕЦ НЕМАЛ ВОЗАЧКА, ВОЗЕЛ БРЗО И ВО СПРОТИВНА ЛЕНТА
- 18-ГОДИШНИОТ СКОПЈАНЕЦ КОЈ ПРЕГАЗИ ЖЕНА НА „НАРОДЕН ФРОНТ“ ПОБЕГНАЛ ОД ДРЖАВАТА СО ТАТКО МУ, УАПСЕНИ ДВАЈЦА КОИ ИМ ПОМОГНАЛЕ ДА ИЗБЕГААТ
Според истрагата, осомничениот возел „фолксваген пасат“ по улицата Народен фронт без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. Наместо да застане и да ѝ помогне на повредената жена, возачот веднаш избегал од местото. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар, каде подоцна починала од тешките повреди.
Обвинителството открива дека во бегството му помогнале маж и жена, кои со свој автомобил го пренеле преку граничниот премин Табановце. Тие биле уапсени откако се вратиле во земјава, а јавниот обвинител до судија на претходна постапка веќе достави предлог за нивно притворање.



