Прилепската полиција поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство за говор на омраза против М.Д. (24) и Ѓ.Д. (19), двајцата од Битола, во врска со настаните во Крушево на 2 август, соопшти МВР.
„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против М.Д. (24) и Ѓ.Д. (19), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, казниво по член 319 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија. Во врска со настаните во Крушево на 2 август во полициска станица се повикани повеќе лица и по документирањето на случаите и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, се вели во соопштението.
Двајцата пријавени, велат од МВР, организирано присуствувале на прославата како дел од група составена од навивачи и за време на положувањето на цвеќе од страна на присутните делегации, стоејќи во непосредна близина на ВИП ложата, скандирале навредливи пораки со што сториле кривично дело „предизвикување омраза, раздор, или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“.