ПРИВЕДЕНИ 18 ЛИЦА КОИ ДАВАЛЕ ОТПОР, 74 ГРАЃАНИ СЕ ОПОМЕНАТИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС

    ПРИВЕДЕНИ 18 ЛИЦА КОИ ДАВАЛЕ ОТПОР, 74 ГРАЃАНИ СЕ ОПОМЕНАТИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАСНоќта поминала релативно мирно во однос на мерката полициски час, велат неофицијално од МВР. (Фото:СДК.МК)

    Полицијата синоќа привела 18 лица кои давале отпор при опоменувањето дека не го почитуваат полицискиот час и под итно треба да се упатат дома. Од Виница има 6, од Тетово 5, од Гостивар и Куманово по 2 и 1 од Кочани.

    „Мојот впечаток и впечаток на колегите е дека забраната за движење генерално се почитува на територијата на целата држава. Во текот на првата ноќ од полицискиот час, полицијата од слобода лиши вкупно 18 лица, од кои две од Гостивар и пет од Тетово, агресивно се однесувале со полицијата. Во Куманово се уапсени две лица, кај кои е најдено и оружје. Во Радовиш се приведени две, едно лице во Кочани и шест лица од Виница“, изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес-конференција во МВР.

    Сите овие лица ќе одговараат како за ширење зараза, по член 206 од КЗ, т.е. за Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Но, ќе им биде закачено и кривично дело Напад на службено лице, за што обвинител може да побара мерка притвор. Истото е и со случаите кај кои било најдено оружје синоќа, меѓу овие 18 лица.

    Чулев кажа и дека МВР извршило контрола кај 618 лица со решение за изолација и кај 3.606 лица со решение за самоизолација. Досега се поднесени 77 кривични пријави за излегување од самоизолација. Тој рече дека на состанокот на кризниот штаб, се дискутирало за заострување на мерките за движењето на граѓаните, кое ќе се дискутира на седница на Владата.

    На првата ноќ од воведениот полициски час, полицијата изрекла 74 опомени на граѓани кои не ја почитувале мерката.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира