Во Охрид денеска почина првоборецот Илија Дуновски, учесник во Народноослободителната и антифашистичка борба од 1941 година, носител на Партизанска споменица 1941 и еден од основачите и членови на Првата македонска ударна бригада формирана за ослободување на Македонија, соопшти семејството. Имаше 102 години.
„Ќе остане запаметен по неговата секогаш препознатлива девиза: ‘Војната, како и сите животни битки, не се добиваат со оружје, туку со срце’“, вели семејството.
Дуновски, кој е роден во 1924 година во Охрид, бил дел и од 15. Македонски корпус како учесник на Сремскиот фронт за конечно ослободување од фашистичкиот окупатор. На тој начин силно се втемелува во изградбата на современата македонска држава. Токму за својата храброст за време на Втората светска војна е добитник на бројни воени и општествени одликувања и признанија, меѓу кои и Орденот за храброст од поранешна СФРЈ.
По повод Илинден, на 2 август 2022 Дуновски беше одликуван и со највисокото државно признание Медал за храброст од тогашниот претседател Стево Пендаровски. Признанието му беше доделено за неговата пожртвуваност и животна посветеност на високите цели на заедницата, како и за неговиот целокупен влог во слободата на македонскиот народ.
Погребот ќе биде на 9 септември од 13 часот на Градските гробишта во Охрид.



