НА 26 АПРИЛ ВО КАФАНА ВО ДРАЧЕВО МИ КАЖАА ДЕКА УТРЕДЕНТА ЌЕ СЕ ВЛЕГУВА ВО СОБРАНИЕТО, СВЕДОЧИ ОБВИНЕТИОТ ВЛАТКО ТРАЈКОВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    НА 26 АПРИЛ ВО КАФАНА ВО ДРАЧЕВО МИ КАЖАА ДЕКА УТРЕДЕНТА ЌЕ СЕ ВЛЕГУВА ВО СОБРАНИЕТО, СВЕДОЧИ ОБВИНЕТИОТ ВЛАТКО ТРАЈКОВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛОбвинетиот Влатко Трајковски (средина) со адвокатката на денешното судење за организираниот напад во Собранието на 27 април лани. (Фото: К. Попов)

    По Игор Југ, своја одбрана на денешното судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани даде обвинетиот Влатко Трајковски, еден од групата која влезе во Собранието.

    Трајковски, кој кажа дека е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1994 година, својата одбрана ја почна раскажувајќи што се случувало во партијата после парламентарните избори во 2016 година.

    „ВМРО-ДПМНЕ очекуваше добри резултати, но излегоа катастрофални. Бев повикан на состанок на кој беше кажано дека било многу слабо, наши луѓе нè предале. Беше наредено, буквално класична наредба сите да излезат на протест пред ДИК, а ако не сме искочиле комуњарите кога ќе дојдат на власт ќе бркаат од работа. Им го переа мозокот на луѓето, ги плашеа. Јас кибритче немав земено од партијата, а не па пари. Мене ми рекоа да останам после состанокот ќе се давале насоки. Им реков и што сега после свадба, тапани. Па ми дадоа наредба да обезбедам 5 лица што ми се лојално, што биле риби и ќе ќутеле. Знаев дека законски се одговара за ваква работа, но ги послушав. И откако почнаа протестите јас не одев дома. Спиев во кола на паркингот кај ТЦ’Рамстор‘ ја следев будно работата. Само татко ми знаеше кај сум. Ми рече ’И смртта е оправдана ако се работи за Македонија‘“, рече во својата одбрана Трајковски, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

    Пред да започнат протестите на „За заедничка Македонија“ на 27 февруари лани, Трајковски кажа дека после полноќ му се јавиле и го викнале на состанок, на кој било речено дека ќе има протести и сите мора да присуствуваат, дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ја покаже силата.

    „Беше речено само болест и смртен случај може да биде оправдување да не дојдете. Една комшивка која партијата ја вработила како чистачка ми се пожали дека нема време ќуката да си ја види, секој ден од работа на протести ѝ се заканувале дека ќе ја избркаат од работа. Секој ден се собиравме, се потпишувавме. Ни беше речено да не носиме партиски знамиња оти се правеше маска пред светот дека ВМРО-ДПМНЕ не е организатор. На протестите видов и луѓе од обезбедувањето на Сашо Мијалков, команданти на алфите и други началници“, рече обвинетиот Трајковски.

    „Вечерта на 26 април ми се јавија и ме викнаа во кафана во Драчево оти не било за по телефон. Ме пречекаа три лица од кои еден го знам, а другиот само од видување. Еден од нив ми рече утре ќе се влегува во Собрание. Јас го прашав мојата задача која е, кого треба да утепуваме? Ми одговорија: ‘Ти нема да утепуваш никого, туку ќе пазиш на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Трајко Вељаноски. Не се секирај, има и други луѓе, не се знаете, секој си има свој дел. Треба што поголем хаос да се направи, да се исплашат, ќе има луѓе кои камерите ќе ги отстранат. На ова им одговорив дека не е добро на тој чекор да се оди на што ми беше речено дека од УБК има луѓе што ќе нè штитат, ништо нема да ни се случи“, продолжи со сведочењето Трајковски, кое сè уште е во тек.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира