Обвинетиот Горанче Ангеловски-Ќосето, инкасатор на ЈП Водовод-Велес, во завршен збор за нападот на Собранието на 27 април 2017 година, рече дека дента бил на работа до 15 часот.
„Од почетокот на протестите ‘За заедничка Македонија’, морав како вработен во јавна администрација, да одам редовно на протести. Ме носеа на сите протести, контрапротести, движења, прашајте го еве и Дурловски. Ме носеа во Скопје, Прилеп, дури и во Долнени еднаш ме однесоа. Нејсе. Имав чиста мисла и патриотизам во мене, кај и да требаше да одам. Здружението ’Ќосето‘, регистрирано, со статут и печат, беше за чествување на жртвите од Илинденското востание. Ме обвинуваат дека сум го мобилизирал членството. Од 73 обвинети, само јас сум обвинет од здружението. Па како сум ги мобилизирал, кога никој не е обвинет од нив?“, праша Ќосето.
Дента на 27 април тој рече дека во кафеаната „Дион“ во Скопје го запознал обвинетиот Александар Василевски – Нинџа. „Коле збореше дека ќе се поставуваат шатори пред Собрание, ќе остануваме ноќеска, рече. Амнестираниот Михаил Младеновски ме праша: ’Ти маска имаш? Му реков: ‘ Што ќе ми е маска? ‘. Ми рече ќе влегуваме во Собрание“, кажа во својот завршен збор Ќосето.
„Почнаа луѓето да земаат маски. На телефони сите ја гледаа седницата. Некој рече: ‘ Бираат претседател, Талат го бираат за претседател на Собранието‘. Се, створи хаос. Тогаш имав 130 килограми, сега 30 кила сум ослабен. Не трчав кон Собранието, шеќераш сум. Одев последен. Кога стигнав, вратите беа отворени. Влегов и јас како и сите, видовте од камерите дека полна беше салата јас кога влегов. Немаше заканувачки пароли, извици. Луѓето се движеа по скалите, сега од снимките видов дека таму бил Кабинетот на претседателот на Собранието. Јас не сум пробил кордон. Луѓето слободно си поминуваа покрај полицијата. Ако сакаа да блокираат, немаше од таа нивна позиција никој да може да им се протне. Јас сум бил во ЕБР и го тврдам тоа. Повторувам: Многу лесно се качи народот по скалите“, рече Ќосето, а обвинетиот Митко Чавков го слушаше внимателно.
„Ходникот водел до прес салата. Имаше еден вандал што кршеше огледала и слики. Се обидов да го фатам, не успеав. Наближив до прес салата, набљудував гужва и кавги. Не дознав за што се работи, се вратив по истиот пат назад. Со тоа завршија моите 15 минути присуство во Собранието. Спротивно од обвинувањата дека сум се туркал во прес салата, јас нагласувам дека воопшто не влегов таму. Ете ви снимки, сведоци, видете. Ако се докаже спротивното, дајте ми најстрога казна“, побара Ангеловски од судијката Добрила Кацарска.
„Шеќераш сум, се задишав, излегов надвор, во паркот Жена борец. Таму беше Нинџа. Ми пријде Горан Бошевски од УБК, така ми се легитимираше. Ми рече – оди во Собрание да му помогнеш на колегата мој, има нешто работа, тебе те знаат протестантите, да не му се случи нешто. Тогаш првпат го видов обвинетиот Сашо Марковски, беше со обвинетиот Оливер Радулов. Луѓето од УБК ми рекоа ти остануваш на врата. Еве ти ја моторолава. Не знаев кај заминаа. Се вратија по 20 минути. Останав на портирницата. Му се јавив на Коле (Никола Митревски – Кољо), му кажав јас овие двајца не можам да ги чекам. Останав да гледам, си ја ставив капата. Собраниското обезбедување почна да ги репетира пиштолите. Полицијата почна да апси. Се вратија двајцата од некаде, во рацете немаа ништо“, продолжи Ќосето во завршните зборови.
Тој кажа дека полицијата ги дробела од ќотек дел од тие што протестираа, кои биле исполегнати по земја. Некој од нив го препознал и му викнал: „Еееј, Горан бе, Горан!“.
„Јас уште толку ја навлеков капата. Бегај си реков ќе ме фатат и мене, ќе ме здрват од ќотек! Почнав да зборам на невклучена моторола, да глумам. Не ми се смејте, така беше“, се смееше заедно со судискиот совет, обвинетите, адвокатите и новинарите, обвинетиот Ангеловски-Ќосето.
„Таа е вистината судијке. Обичен човек сум, а не терорист. Изгубив работа, ја избркаа и жена ми. Три деца имаме, со кредити живееме. Не сакам да добијам симпатии кај никого или да се правдам, ви кажав сè што знам околу 27 април, за кој настан многу ми е жал“, заврши Ангеловски.
С. К. ДЕЛЕВСКА