Новата влада барањето на Турција за затворање на школи, универзитети и фирми во Македонија поврзани со свештеникот Фетулах Ѓулен решенијата ќе ги бара исклучиво во рамките на законските прописи во Република Македонија.
„Од аспект на принципот владеење на право, од особено значење е во Република Македонија сите да ги почитуваат законските регулативи. Владата на Република Македонија секојдневно прима различни видови официјални пораки и барања кои пристигнуваат на наша адреса од голем број држави со кои имаме изградено билатерални и пријателски односи. Потенцираме дека решенијата ќе бидат исклучиво во рамките на законски прописи на Република Македонија“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски за САКАМДАКАЖАМ.МК, прашан за коментар за изјавата на турката амбасадорка Тулин Еркал Кара дека во Македонија училиштата, медиумите и фирмите на организација ФЕТО се уште се активни, и дека се уште не се преземени мерки.
Во Скопје вчера се одбележа првата годишнина од неуспешниот обид за државен удар во Турција, чиј домаќин беше турската амбасадорка во земјата Тулин Еркал Кара.
„Со жалење морам да констатирам дека училиштата, медиумите и фирмите на оваа терористичка организација се уште се активни во Македонија“, рече Кара и додаде: „Овие организации на ниту еден начин не ја претставуваат Турција. Настрана што не ја претставуваат Турција, ги продолжуваат своите активности против Турција, негативно влијаат на односите помеѓу Турција и Македонија и чекаат прилика да ги затрујат постојните одлични односи помеѓу двете земји. Македонските раководители, веднаш по овој предавнички напад, меѓу првите покажаа солидарност со нашата земја. Знам дека во оваа борба Македонија е со нас”, рече амбасадорката Кара.
На комеморацијата Владата ја претставуваа вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за здравство Арбен Таравари и министерот без ресор Аднан Ќахил.
Турската амбасадорка во говорот потсети дека претходната влада донела одлука за прекинување на активностите на фирмите поврзани со Ѓулен, но, досега не бил направен конкретен чекор. Кара вчера рече дека еден од основните критериуми на Турција за односите со други земји, ќе биде и односот на тие земји во борбата со ФЕТО.
„Односите помеѓу Турција и Македонија се на едно толку завидно ниво што можат да послужат за пример кон сите други земји. Целосно сме уверени во тоа дека достојни на овие односи ќе соработувате во правец на преземање соодветни мерки кон институциите приврзани кон ФЕТО во Македонија. Оваа борба треба да ја извршиме рамо до рамо. Почитувани, големи се нашите очекувања од Македонија”, рече амбасадорката Кара.
До сега не е објавено какви одлуки донела претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и техничкиот премиер Емил Димитриев. На 26 август минатата година, тогашниот министерот за надворешни работи Никола Попоски изјави дека има одлука за фирмите на Ѓулен регистрирани во Македонија, но не даде јасен одговор на прашањето што одлучила македонската влада тогаш по барањето на Турција за затворање школи, универзитети и фирми во Македонија поврзани со свештеникот кој Ердоган го обвинува дека стои зад неуспешниот пуч.
“Сите одлуки што би ги носеле и ќе го носиме ќе бидат во согласност со нашето законодавство и со нашите национални интереси. Тоа било и ќе биде“, рече тогаш поранешниот министер за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски.
Турските власти го обвинуваат Ѓулен, кој живее во САД, дека стои зад неуспешниот обид за воен удар во Турција, извршен на 15 јули минатата година. По ударот, турските власти, суспендираа и отпуштија околу 80.000 професори, судии, обвинители, полицајци, војници, дипломати и други државни службеници. Отпуштањата и затворањата траат и денеска.
Кон крајот на јули минатата година турската влада побара од неколку балкански земји да ги затворат училиштата за кои се сомневаат дека се поврзани со движењето Хизмет на Ѓулен, но Албанија и Косово веќе го одбија таквото барање. Турската агенција Анадолија објави список со фирми во Македонија кои се сметаат за блиски до Ѓулен, на кој беа седум училишта, а функционирале и фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам. Први на листата, според агенцијата, се основните и средните училишта „Јахја Кемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица, а следат неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, туристичката агенцијата „Башак“, транспортната компанија „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР во Скопје.
Г.ТРПЕНОСКИ