НА БЕТИ Ѝ ФАЛЕЛЕ УШТЕ 20 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА МУЗЕЈОТ НА ВМРО, ЈАНАКИЕСКИ Ѝ ВЕЛИ ДА ГИ ПРОДАДАТ НЕЈЗИНИТЕ АЛИШТА, СЕ СЛУШНА ВО БОМБИТЕ ЗА „ТЕНДЕРИ“

    НА БЕТИ Ѝ ФАЛЕЛЕ УШТЕ 20 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА МУЗЕЈОТ НА ВМРО, ЈАНАКИЕСКИ Ѝ ВЕЛИ ДА ГИ ПРОДАДАТ НЕЈЗИНИТЕ АЛИШТА, СЕ СЛУШНА ВО БОМБИТЕ ЗА „ТЕНДЕРИ“И во бомбите се слуша дека обвинетата ексминистерка за култура Канческа - Милевска признава оти наместила тендерот за доградба на Музејот на ВМРО да го добие „Бетон-Штип“: -од рочиштетот за случајот „Тендери“ на СЈО (Фото: М. Златевска)

    На рочиштето за предметот „Тендери“ на СЈО, каде обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувањата е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, денеска беа пуштени 5 прислушувани разговори, од кои се доби претстава како обвинетата всушност го скршила Законот за јавни набавки.

    Како што јави МИА, четири од разговорите што ги предложи СЈО како доказ против Канческа – Милевска, биле направени во 2011, а петтиот разговор е од 2013 меѓу Канческа – Милевска и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Во тие од 2011 разговорите се меѓу ексминистерката за култура и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

    Во првата бомба, покрај овие двајца учествува и директорот на ГП „Бетон“ од Штип Илија Престилски, кој е сведок против Канческа – Милевска во овој предмет. Во разговорот таа им кажува на Јанакиески и Престилски дека „утре ќе биде објавен тендер“ и објаснува дека „во него е наведено сè за да го добие ‘Бетон’“. Наведува дека ќе ја тераат работата да нема застој и дека дента му биле префрлени 48 до 49 милиони денари. Му вели „терајте си ја работата како да е сè во ред“, а претходно му кажува дека ќе треба да се објави нов тендер бидејќи е сè исцрпено со анексот.

    Во втората бомба, разговор меѓу Канческа – Милевска и Јанакиески, таа го информира дека нема денар за да им плати на фирмите и дека треба со ребалансот да се обезбедат средства. На тоа Јанакиески ѝ вика: „Да ги продадеме твоите алишта за да им помогнеме“.

    Во третиот разговор меѓу двајцата, таа го информира колку ја нервирал Илија, кого не можела органски да го поднесе.

    „Ми иде ножот да му го р’кнам до крај, а Ице ми иде во Вардар да го удавам“. Го информира дека сè уште не се излезени од, како што вели, „страната што се гледа од кај тебе“, а Јанакиески ѝ вели дека „утре ќе излезат, а ако не ќе им го турнам скелето“.

    Во наредниот разговор обвинетата му кажува на Јанакиески:

    „Илија е мрднат и мисли дека јас сум му викнала полиција. Не можам органски да го поднесам“.

    Посочува дека му платила 50 милиони, а за останатите 20 милиони ќе треба да се снајде, бидејќи ги нема парите и ќе треба да ја почека уште еден месец. На тоа Јанакиески ѝ одговара дека ќе треба да ја почека.

    Петтиот разговор е меѓу Гордана Јанкулоска и Елизабета Канческа – Милевска од 2013, во кој поранешната министерка за култура ја информира Јанкулоска дека се јавил некој Николче Цветановски од СВР Битола кој ѝ ги барал документите за изградбата на Музејот на ВМРО. Во меѓусебниот разговор се информира дали треба веднаш да му ги даде доколку дојде, или, пак, треба да му каже дека треба да почека да ги собере, а во меѓувреме барала од тогашната министерка за внатрешни работи да провери за кого станува збор и дали е „некој комуњар“. Тогашната министерка за внатрешни работи ја советува доколку го добие налогот да му каже дека ѝ треба време да ги собере документите и да не му ги дава веднаш на Николче Цветановски, а во меѓувреме, како што вели, ќе провери кој е тој и за што се работи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира