НА ДАРАВЕЛСКИ НЕ МУ Е ЗАСТАРЕНО ДЕЛОТО, ВЕЛАТ ОД КУМАНОВСКИОТ СУД

    НА ДАРАВЕЛСКИ НЕ МУ Е ЗАСТАРЕНО ДЕЛОТО, ВЕЛАТ ОД КУМАНОВСКИОТ СУДОд Основниот суд Куманово велат дека од прием на правосилната пресуда на Даравелски тие преземале повеќе дејствија со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано. (архивска фотографија)

    На поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски, осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службената должност, делото не му е застарено и тој ќе мора да ја отслужи казната откако вчера беше уапсен на граничниот премин Табановце, на македонско-српската граница.

    Од Основниот суд Куманово велат дека од прием на правосилната пресуда на Даравелски тие преземале повеќе дејствија со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано.

    „Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила“, велат од Судот.

    Од судот појаснуваат дека по доставување на пресудата на Основен суд Скопје 1 – Скопје, правосилна од 26.03.2008 година, со која Драган Даравелски од Куманово, е осуден на казна затвор во траење од седум години, во Основен суд Куманово како надлежен суд за извршување на изречената казна затвор, оформен е предмет за извршување на казната.

    „Согласно чл.109 ст.1 т.3 од КЗ застарување на извршување на казна затвор над 5 години настапува по протек на 10 години од правосилноста на пресудата со која казната е изречена. Согласно на чл.111 од КЗ застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежен орган што се превзема заради извршување на казната, а со секој прекин застарувањето почнува повторно да тече. Основен суд Куманово од прием на правосилната пресуда преземал повеќе дејствија со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано. Согласно ст.5 од чл.111 од КЗ застареност настапува во секој случај кога ќе помине два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна. Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила“, велат од Судот.

    Даравелски беше осуден во отсуство во 2007 година за Злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.

    Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство.

    Од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека Даравелски побарал повторување на постапката. Оттаму додаваат дека е оформен предмет и распределен кај Кривичен совет за понатамошно постапување.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира