На армискиот полигон Криволак во тек е вежбата „Брз одговор 24“, како дел од кампањата вежби „Бранител 24“, во организација на командата на вооружените сили на САД за Европа и Африка.
„Бранител 24“ почна од 28 март и ќе се одржува до 31 мај. Тоа е најголемата вежба на американската армија во Европа и вклучува повеќе од 17.000 американски и 23.000 мултинационални војници од повеќе од 20 сојузнички и партнерски земји (Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грузија, Унгарија, Италија, Латвија, Литванија, Молдавија, Холандија, Северна Македонија, Норвешка, Полска, Романија, Словачка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство).
Вкупно, на сите вежби од „Бранител 24“, вклучувајќи ја и вежбата „Брз одговор 24“, учествуваат приближно 90.000 војници од сите 32 земји на НАТО и тоа е најголемата воена вежба на НАТО од Студената војна.
Вежбата „Брз одговор 24“ почна на 5 мај, речиси истовремено во Естонија, Молдавија, Северна Македонија, Полска, Романија, Италија и Шведска и на неа вкупно учествуваат 13,000 војници од 17 нации.
Пред се, оваа вежба има за цел интероперабилност при изведување на воздухопловни операции кои се едни од најмасовните досега. Покрај воздушните операции, на оваа вежба се извршуваат и вежби на копно во изведување на нападни операции, вежби со гаѓања од пешадиско и артилериско вооружување и мултинационална обука.
Сите предвидени активности во рамки на вежбата “Брз одговор 24”
во Северна Македонија се одвиваат во период од 5 до 24 мај, на терените на армискиот полигон Криволак. На вежбата учествуваат припадници од 173. воздушно-десантна бригада на Американската армија, а од страна на Македонската армија се овозможува борбено сервисна поддршка со учество на педесетина припадници. Поддршката што Македонската армија ја дава е во доменот на реална логистика, заштита на сили, комуникациско-информациска поддршка, моторни возила и вежбовни средства, тимови за пронаоѓање на неексплодирани средства, координација со другите институции (МВР и ДЗС, Територијални противпожарни единици итн) и друго.
Вежбата е значајна за нашата армија во однос на потврдување на капацитетите на нашиот армиски полигон, подобрување на интероперабилноста и оспособеноста за борбено-сервисна поддршка на сојузничките вооружени сили во изведување на овој вид на операции.