Конференцијата за медиуми во Југоисточна Европа на ОБСЕ што се одржува во Струга усвои Декларација со која го осуди нападот на црногорската новинарка на дневниот весник „Вијести“, Оливера Лакиќ, и ги повика црногорските власти да преземат брза и независна истрага за да го расчистат случајот.
„Ние, учесниците на Конференцијата на ОБСЕ за Југоисточна Европа, силно го осудуваме пукањето во Оливера Лакиќ, новинар во весникот “Вијести” во Црна Гора. Праќаме силна порака на поддршка и солидарност со Оливера Лакиќ, вработените во „Вијести“ и сите новинари и медиумски работници кои се соочуваат со напади, закани и заплашувања во Црна Гора и во регионот на Југоисточна Европа“, стои во Декларацијата на Конференцијата за медиуми во Југоисточна Европа на ОБСЕ која се одржува во Струга.
Во декларацијата се вели дека политичарите и јавните службеници не треба да создаваат непријателска средина за медиумите преку нивните изјави и постапки и мора да покажат повисоко ниво на толеранција за критичкото новинарство и поддршка на различните мислења.
Црногорската новинарка на дневниот весник „Вјeсти“, Оливера Лакиќ која беше застрелана пред два дена во нога пред својот дом во Подгорица е пуштена од болница и заздравува.
Дводневната медиумска конференција за Југоисточна Европа е организирана е од претставникот на ОБСЕ за слободни медиуми во соработка на шест мисии на ОБСЕ во регионот.