На денешната седница Уставниот суд го отфрли барањето за заштита на слободите и правата поднесено од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој таму се обратил зашто сметал дека во предметот на СЈО „Моќник“, го обвиниле од политички причини.
Уставниот суд го разгледал барањето и видел дека обвинението не е акт со кој се одлучува за одземање на нечии права загарантирани со Уставот.
„Во конкретниот случај подносителот истакнува барање за заштита на слободи и права, a за акт со кој му биле повредени слободите и правата, приложи обвинителен акт и решение со кое обвинителниот акт бил одобрен во целост. Меѓутоа Уставниот суд оцени дека обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот, туку станува збор за поднесок, односно едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривична постапка.
Како што образложи Судот за оваа точка на седницата, Милошоски освен што во прилог ги испратил обвинението и оценката за обвинението против него, не ги навел причините, фактите и доказите поради кои смета дека е политички гонет.
„Судот утврди дека не се исполнети процесните претпоставки од наведените одредби од Деловникот на Уставниот суд, за мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата“, вели Уставниот суд.
Милошоски, неговиот татко, бившиот лустратор Томе Аџиев и уште десетина луѓе од западниот дел на Македонија, се обвинети за самоволна и одмаздничка лустрација на судијата Драги Билески, како и за вредниот имот купен по багателна цена, со доведување во заблуда на советниците во општината.
Обвинението е на поранешното СЈО, и судењето е при крај.
С. К. ДЕЛЕВСКА