НА ПАЦИЕНТИТЕ СО ЦРЕВНИ ЗАБОЛУВАЊА ИМ Е НЕПРИЈАТНО ДА ПОБАРААТ ПОМОШ, ДОЦНА ДОАЃААТ НА ЛЕКАР, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈА

    НА ПАЦИЕНТИТЕ СО ЦРЕВНИ ЗАБОЛУВАЊА ИМ Е НЕПРИЈАТНО ДА ПОБАРААТ ПОМОШ, ДОЦНА ДОАЃААТ НА ЛЕКАР, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈАПревентивните прегледи се клучни за раното откривање на црвевните заболувања, велат лекарите. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Бројот на пациенти со инфламаторните цревни заболувања, како во светот така и во државата, се зголемува, рече проф. д-р Мери Трајковска, директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија, на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свеста за инфламаторните цревни заболувања.

    „Речиси 200 заболени на 100.000 жители има во државата. Често пациентите доаѓаат во многу тежок стадиум на болеста, со изгубена телесна тежина, крвават, анемични се и малаксани, постојано земаат боледување, а им е непријатно поради природата на болеста да се јават на лекар. Превентивните прегледи се клучни за раното откривање на овие заболувања“, рече директорката.

    Според неа, причината за пораст на тој број, а особено во индустријализираните земји, е што заболувањата се мултифакторни, имаат влијание генетските фактори и факторите на околината, а најмногу стресот, една имунолошка реакција несоодветна на нормалната имунолошка реакција, практично имунитетот го напаѓа сопствениот организам наместо надворешните чинители.

    „Недостига маркетиншка кампања за да се подигне свеста за заболувањето. Не само што луѓето не се свесни за болеста, туку поради природата на болеста се работи за хронични дијареи, па им е непријатно да се јават на лекар. Долго време поминува кога се јавуваат, во фаза кога се изнемоштени, кога не можат да функционираат и кога веќе е поминат, така да кажам, првиот воз кој треба да се фати за терапијата да биде успешна“, рече проф. д-р Трајковска.

    Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои превентивни прегледи треба да ги направат луѓето, рече дека честопати им е непријатно, бидејќи дијагнозата се воспоставува со ендоскопски преглед на дебелото црево и се прави колоноскопија со земање биопсија за хистолошка потврда на болеста.

    „Луѓето се склони да веруваат на своите пријатели, роднини, комшии, меѓутоа можат да направат едноставен преглед со земање фецес, на измет, за да се провери фекалниот калпротектин, кој е биомаркер и е карактеристичен за цревните инфламаторни заболувања. Ако тој биомаркер е зголемен, тогаш има индикација за посериозни натамошни испитувања. Значи, сите кои имаат проблем со зачестено празнење на цревата, особено ако забележат слуз и крв во изметот, ако тоа е подолг период, повеќе од четирипати на ден и ако притоа им се намалува телесната тежина, треба веднаш да се јават на лекар за да се направат тие примарни лабораториски испитувања кои не се непријатни, а ќе укажат кои иследувања понатаму треба да се преземат“, рече проф. д-р Трајковска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира