Денеска се одржува првиот круг од претседателските избори, а право на глас имаат 1.808.131 избирач. За победа во првиот круг е потребно мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.
Уставот предвидува ако во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг да одат двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови. Вториот круг е закажан за 5 мај, а за претседател ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите ако на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи. Ако не биде исполнет цензусот во вториот круг, се повторува целата изборна постапка.
Претседателот има мандат од пет години, а исто лице може да биде избрано најмногу два пати.
Граѓаните денеска бираат меѓу тројца кандидати: Блерим Река, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски. Победникот ќе биде петтиот претседател, по Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.
Вчера гласаа болните и немоќните лица, дијаспората и затворениците.
Гласачките места денеска се отворени до 19 часот.
М.ИЛИОСКИ